Македонските компании покажаа жилавост во време на кризи и се во фаза на изнаоѓање на одбранбени решенија кои ќе ги задржат во игра до моментот кога ќе почнеме да излегуваме од кризата, вели првиот човек на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, кој е внимателен околу прогнозите за економијата.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција, Азески рече дека ќе биде задоволен доколку следната година се задржи истото ниво на активност како годинава.

– Иако секогаш практикуваме да држиме до оптимизмот, сепак долгото егзистирање на овие кризи го исцрпува бизнисот, ресурсите и резервите и на компаниите и на државата. Можам да кажам дека без разлика на се, македонската економија покажа жилавост. Очекувам следната година да бидеме сите внимателни и да не избрзуваме со изјавите, бидејќи се работи за глобални движења, рече Азески.

Тој е задоволен од тоа што и во услови на криза е задржана економската активност, нема нарушување на состојбите во стопанството и има раст на извозот.

– Во услови на вакви кризи, да имаш раст на извозот и да ја задржиш економската активност и на база на тоа да програмираш, навистина е нешто за што треба да им се оддаде признание и на компаниите и на носителите на економски политики. Ние сме во константна криза од 2008 година и на тоа во моментот додадени се уште три други кризи. Сепак го зголемуваме извозот што е единствена наша излезна варијатна, немаме нарушување на состојбите во стопанството и се подготвуваме да дадеме одговор на последната енергетска криза за да им помогнеме на компаниите. Верификација на сето тоа е дека немаме застој во враќањето на ДДВ-то, имаме финансирање на сите активности и имаме извозни активности кои растат, посочи Азески.

Според него, она на што треба да се посвети земјава по завршувањето на кризата се мерки кои ќе бидат насочени кон зголемувањето на додадената вредност на домашните производи и услуги.

– Без тоа земјава нема да може да ги сервисира своите услуги во понатамошниот период. Следната голама акција на Комората и на носителите на функции мора да бидат мерки насочени кон зголемување на додадената вредност на производите и услугите. Со ваква додадена вредност, ние не ќе може да го извлечеме она што го планираме, а тоа е раст меѓу 4 и 6 проценти што би гарантирал развојна компонентна во државата во следниот период, смета Азески.

Според Комората, критични се првите три месеци од следната година во однос на енергетската криза, но се надеваат дека Владата ќе остане на најавите да насочи дел од произведената струја во ТЕЦ Неготино директно кон членките на Комората.

– Во овој момент најголем дел од компаниите заради прекинување на долгорочните договори кои ги имаа со трговците, се префрлија на режимот на плаќање месец за месец, односно на динамична цена која е врзана со берзите се со цел да не потпишуваат долгорочни договори на многу високи цени. Меѓутоа, факт е дека првите три месеци од следната година се критични и мислам дека треба да направиме максимални напори. Во Комората се обидуваме да обезбедиме што е можно поевтина енергија и се надевам дека Владата ќе остане на својата определба дел од произведената електрична енергија од ТЕЦ Неготино да ја упати директно кон членките на Комората, рече извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев.