Претпазливото управување со ризиците и соодветната регулативна рамка, усогласена со најдобрите меѓународни стандарди, му овозможија на банкарскиот сектор да ја дочека корона-кризата со силна капитална и ликвидносна позиција. Отпорноста на банкарскиот сектор се потврди изминатата година, преку одржување на сите показатели на солидно ниво. Истовремено, банкарскиот систем и натаму обезбедува дополнителна кредитна поддршка, придонесувајќи за ублажување на ефектите од пандемијата врз финансиската позиција на населението и билансите на корпоративниот сектор.

Ова беше истакнато на состанокот со потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде и регионалната директорка на Светската банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, на којшто учествуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите Фадил Бајрами, Емилија Нацевска и Ана Митреска. Состанокот се одржа во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка.

Во разговорот, меѓу другото, беше посочено и на параметрите за банкарскиот систем коишто ја отсликуваат неговата капитална и ликвидносна позиција. Притоа беше нагласено дека солвентноста и ликвидноста, на почетокот од корона-кризата, беа и подобри од оние на почетокот на големата глобална криза во 2008 и 2009 година. Тоа упатува на поголем простор за апсорбирање на потенцијалните ризици,  и за непрекинатост на кредитната поддршка од банките во овој период, што е клучно за справување со предизвиците, наметнати од здравствената криза.

Со оглед на продолжениот карактер на кризата во глобални рамки, во периодот што следува треба внимателно да се следат ризиците и да се обезбеди проактивно и превентивно преземање мерки и носење одлуки заради нивно минимизирање. Оттука, како што беше констатирано, произлегува и одлуката на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивидендите, што значи зајакнување на потенцијалните извори на капитал за банкарскиот систем.

На состанокот, посебно беше нагласена и поддршката од страна на Светската банка во справувањето со пандемијата, како и поддршката за нашата економија на патот кон одржливо закрепнување преку мобилизација на приватниот сектор и воведување реформи коишто ќе обезбедат одржлив, севкупен раст.