Со стотици поканети гости и море од американски знамиња претседателот Џо Бајден во понеделникот во градината на Белата куќа го потпиша законот за големиот инфаструктурен пакет, што се смета за една од ретките победи на претседателот кој бележи рекорден историски пад на популарноста во досегашниот период од мандатот во однос на сите негови претходници.

„Мојата порака за Американците: Америка ќе оди напред и вашиот живот ќе се промени на подобро“, изјави Бајден видно добро расположен опкружен со пратеници, членови на неговата влада и синдикалисти.

Бајден, кој се соочува со лошите економски показатели и со катастрофален пад на поддршката во анкетите, сакаше оваа свеченост одржана со голема помпа да биде одраз на неговата визија за Америка како „земја на можностите“, која е способна да постигне консензус.

Врз основа на овој закон кој пред десетина дена со тешка мака беше прифатен во Претставничкиот дом, каде мнозинство имаат демократите на Бајден, се издвојуваат 1.200 милијарди долари за обновување и градење мостови, патишта, станици за полнење електрични автомобили и водоводи. Законот воедно треба да овозможи и развој на јавниот сообраќај и на брзиот интернет.

Како што оцени Бајден, законот ќе ја доведе Америка во позиција да „победи во трката“ со Кина.

Текстот на законот придоби и гласови од републиканска опозиција, на големо жалење на неговиот претходник Доналд Трамп, кој исто така сакаше да започне голема инфраструктурна програма но беше попречуван во намерата од тогаш демократската опозиција и опонентите во неговата партија.

Поради тоа, Трамп сега ги критикуваше 13-те републикански пратеници кои гласа за законот во Претставничкиот дом. Неговата доследна поддржувачка Мерџори Тејлор Грин дури ги нарече „предавници“ и ги објави телефонските броеви на нивните канцеларии.

Всушност, малкумина од опозициските републикански челници присустуваат на настанот во градината на Белата куќа, и покрај континиураното истакнување на Бајден дека законот го поддржале пратениците од двете партии, во земјата во којашто партиските поделби изминатите години достигнаа кулминација.

Но иако некои од проектите на Бајден се доста популарни меѓу Амерканците, поддршката во јавноста непрекинато му опаѓа, особено забрзано по августовското хаотично повлекување на американските трупи од Авганистан.

Така, според последната анкета на дневниот весник The Washington Post и телевизиската мрежа ABC News објавена во неделата, поддршката од јавноста за Бајден е 41 отсто. Само 39 отсто од Американците ја одобруваат неговата економска политика, а 70 отсто сметаат дека економската ситуација во САД е лоша.

Поради тоа, потпишувањето на законот за инфрастурктурата во понеделникот не значи толку заокружување, туку повеќе е почетокот на голема комуникациска офанзива на Белата куќа. Бајден во вторник ќе ги посети сојузната држава Њу Хемпшир и осиромашениот некогаш голем индустриски центар Детроит во среда, каде што ќе го промовира својот инфраструктурен пакет.

Растот на цените отежнува уште еден голем проект на Бајден за кој не е постигнатат согласност како за инфраструктурниот план. Станува збор за социјалните издвојувања и помош во енергетската транзиција во износ од 1.750 милијарди долари, за што оваа седмица ќе се дискутира во Претставничкиот дом, а потоа и ќе се гласа во Сенатот. Тука не може да смета на поддршката од републиканците, од кои некои предупредуваат на воведување на „социјализмот“, што секогаш претставувал најголемиот баук во американското сфаќање на политиката.