Сточари од кичевско кои одгледуваат крупен добиток, крави и телиња, се незадоволни од висината на субвенциите кои ги добиваат по грло добиток, бидејќи, како што велат, се незначително повисоки од субвенциите кои се добиваат за женско јагне, за кое износот е 2.500 денари.

Нивниот предлог е субвенциите за крупниот добиток да бидат повисоки од 200 евра, бидејќи одгледувањето на ваков вид добиток е многу поскапа инвестиција од овчарството, информира Ајрадин Бајрами, претседател на Здружението на сточарите од Кичево..

-Одгледувачите на крупен добиток во нашата општина со право се незадоволни од висината на субвенциите кои ги добиваат за грло добиток.Така за едно теле или крава висината на субвенцијата изнесува 2.850 денари, што е само за 350 денари повеќе, од субвенциите кои ги добиваат сточарите за одгледување женско јагне, истакна Бајрами и ги наведе причините поради кои субвенциите за крупниот добиток ургентно мора да се зголемат.

-Трошоците кои ги чинат одгледувачите на крупен добиток се далеку повисоки и тоа е причината зошто треба да добиваат повисоки субвенции. Еден јунец може да тежи и повеќе од 600 килограми и за негова дневна прихрана се потребни 20 килограми сено, додека едно јагне може да се прехрани и со 1-2 килограми во текот на еден ден, додаде Бајрами.

Тој ги потенцира цените за грло крупен додиток.

– За да набавите квалитетно грло добиток крава или јунец, потребно е да издвоите минимум 1000-2000 евра, додека најскапото јагне или овца не вредат повеќе од 100 евра. Овие показатели се потврда дека одгледувачите на крупен добиток се потполно во право и во иднина субвенциите за грло крава или теле да бидат барем пет пати поголеми од субвенциите за женско јагне,нагласи Бајрами .

Сточарите, како што вели, се подготвени да го продадат сопствениот добиток, ако наскоро субвенциите не се зголемат за неколку пати.