Во насока на заштита на стандардот на граѓаните се разгледуваат или веќе се применуваат повеќе опции во земјите од Балканот. Во некои од нив се применува еднократна исплата на финансиска помош за граѓаните, привремено ограничување на растот на цената на енергијата и горивата, а се предлага и отстапување на дел од акцизите или даноците на некои основни производи за фирмите

Пред граѓаните на земјите од Балканот претстои неизвесен период, поради растот на трошоците за живот. Повисоките цени на репроматеријалите и на енергијата на светскиот пазар, пред претстојната зимска сезона, ги принуди повеќето европски земји да преземаат соодветни политики за заштита на животниот стандард на населението. Во Франција се отиде дотаму што прашањето за идната енергетска политика е главна тема во политичките дебати на кандидатите за избор на претседател на државата. Како одговор на претстојниот предизвик, актуелната француска влада предводена од Емануел Макрон најави воведување субвенција за енергијата од 100 евра за 5,8 милиони најсиромашни домаќинства. Предвидено е зголемување на овој износ, доколку мерката за замрзнување на цената на енергијата не ги даде очекуваните ефекти.

Во насока на заштита на стандардот на граѓаните се применуваат и се разгледуваат повеќе опции во земјите од Балканот. Во некои од нив се применува еднократна исплата на финансиска помош за граѓаните, привремено ограничување на растот на цената на енергијата и горивата, а се предлага и отстапување на дел од акцизите или даноците на некои производи за фирмите, за полесно да се преброди ценовниот бран во наредниот период.

Во Србија, од почетокот на ноември, почна исплатата на вториот дел од еднократната помош во износ од 30 евра, за која се пријавиле 5,7 милиони граѓани. Од 15 ноември ќе почне пријавувањето за исплата на 20 евра за декември, за сите граѓани, кои досега не се пријавиле. Министерот за финансии Синиша Мали најави исплата на 20.000 динари на пензионерите, во февруари следната година. Во буџетот за наредната година се планирани средства за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за седум отсто, а за припадниците на војската, во здравствениот сектор и социјалните служби, ќе има зголемување од седум отсто. Исто така, пензиите ќе се зголемат за 5,5 отсто, а за помалите пензии до 11 отсто, а ќе порасне и минималната плата.

– Порастот на цените во Србија е нерамномерен по различни групи на производи. Највисок пораст има кај земјоделските и основните прехранбени производи. Комуналните услуги, облеката и енергијата имаат помал раст. Просечниот раст на цените годинава во земјата е 5,7 отсто. Платите во Србија растеа побрзо, но тоа се прави еднаш или двапати на годишно ниво, додека кај цените имаме постојан раст. Но светскиот пазар има повисоки цени за металите, горивата, енергијата, чиповите… што, секако, ќе доведе до повисоки цени и на домашниот пазар – вели Милојко Арсиќ, професор на Економскиот факултет во Белград во разговор за Радио Слободна Европа.

Под зголемен притисок на животниот стандард се и граѓаните во Босна и Херцеговина. Цените на основните прехранбени производи се во постојан пораст, а енергетичарите најавуваат и зголемување на цените на електричната енергија, која, според процените, треба да поскапи и до 70 отсто. На повисоки трошоци во работењето се изложени транспортните претпријатија, поради повисоките цени на нафтените деривати. Горивата се значаен фактор во формирањето и на цените во услужните дејности, градежништвото и во секторот за производството на храна.

Заради подобрување на условите за работа, превозниците во БиХ што членуваат во Здружението на превозници во патничкиот и товарниот сообраќај, бараат во наредните шест месеци да се суспендираат сите акцизи и патарини.

– Ова не е големо оптоварување за буџетот, а со тоа ќе се спречи евентуалниот пораст на цените во јавниот превоз. Покрај пандемијата и намалувањето на бројот на патниците, дополнително влошување во условите за работа има и со поскапувањето на горивото, струјата, водата и репроматеријалите. Моментално плаќаме околу 70 фенинзи давачки за еден литар гориво и во овој момент е потребно да интервенира државата, која досега не покажа интерес за проблемите на превозниците – изјави Дејан Мијиќ, претседател на Здружението на превозници и директор на „Автопревоз Бања Лука“.

Растечката цена на природниот гас, која се одразува и на европската економија, ги погодува и хрватските граѓани и претпријатија. Хрватската индустрија зависи од движењето на цените на светските берзи за овој енергент, но сигурно е дека тоа ќе влијае и на порастот на цената на финалните производи. Цените за хрватските домаќинства се регулирани и тие нема да бидат променети до април следната година, а по овој датум се очекува поскапување и на гасот, пишува „Јутарњи лист“.

– За разлика од голем број европски земји, состојбата во Хрватска е стабилна, барем додека трае зимската сезона на греење. Граѓаните можат да бидат мирни до април следната година. Истото се однесува и за цената на електричната енергија. Но ова зголемување на цените во еден момент ќе се почувствува и во Хрватска – изјави Томислав Чориќ, министер за економија и енергетика, во изјава за Н1 телевизија.
Со ценовен шок годинава се соочуваат и граѓаните на Македонија, кои сѐ поголем дел од своите месечни приходи ги користат за основните животни потреби. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2018 година, уделот на храната и на безалкохолните пијалаци во вкупната потрошувачка на домаќинствата бил 38,7 отсто, а веќе во 2020 година се искачил на 45 проценти, односно за 6,3 проценти повеќе отколку што бил пред две години.

Просечното домаќинство во Македонија наменува околу 66 отсто од својата потрошувачка за задоволување на основните потреби, како храна, облека, домување и покуќнина. За годинава, прогнозите од Светската банка се дека инфлацијата ќе биде 2,4 проценти, од Народната банка предвидуваат нагорна корекција во однос на претходно планираните 2,2 проценти. Од централната банка велат дека во следниот период се присутни неизвесноста и променливоста во движењето на светските цени на примарните производи, а пред сѐ на енергентите. Засега, од македонската влада не се најавуваат конкретни мерки за „смирување“ на растот на цените на основните продукти, но претходно премиерот Зоран Заев, кој е во оставка, најави дека нема да има покачување на цената на електричната енергија до крајот на годината.