Евентуалното воведување на дигитална фунта од страна на Централната банка на Англија за широка употреба во Обединетото Кралство, може да ја загрози финансиската стабилност и доверливоста на податоците и да ја зголеми вредноста на заемите. Овој став денеска се наведува во извештајот на британските парламентарци, посветен на изгледите по 2025 година Британија да воведе дигитална валута – Central bank digital currency (CBDC).

Според авторите на извештајот, подготвен од Комитетот за економски прашања на Домот на лордовите, широката употреба на ЦБДЦ, особено во малопродажбата, носи „две сериозни безбедносни закани“.
Пред сè, приватноста на сметката може да биде загрозена поради проблеми со кибер безбедноста. Дополнително, „централизираниот систем на дигитални валути, кој ќе стане важен елемент на националната инфраструктура, може да стане цел на напад од непријателски држави и недржавни актери“, се вели во извештајот.

Во исто време, авторите на документот нагласуваат некои предности од воведувањето на ЦБДЦ за големопродажба помеѓу финансиските институции. Според нив, дигиталната валута во овие случаи ќе помогне да се зголеми ефикасноста на тргувањето со хартии од вредност. Но, за ова треба да се направат „дополнителни истражувања и експерименти“. Во секој случај, системот на дигитални валути „мора да се прилагоди на новите безбедносни закани и технолошки промени, вклучително и квантните пресметки кои брзо се развиваат“, велат европратениците.

Претходно, министрите за финансии на Г7 претставија листа на принципи, од кои треба да се водат централните банки при воведувањето дигитални валути. Според нив, во иднина ЦБДЦ ќе може да им даде на бизнисите и на потрошувачите, нови можности за плаќање преку поттикнување на инклузија и иновативен развој на економија, која брзо се развива и влегува во дигиталниот простор.

ЦБДЦ мора да се спроведуваат под соодветен надзор, транспарентност и владеење на правото и не смеат да претставуваат закана за финансиската и монетарната стабилност. Особено силен акцент е ставен на потребата да се заштитат личните податоци на корисниците, да се обезбеди максимална доверливост на новиот систем и да се минимизираат ризиците од кибер-криминалците и измамниците.