Халкбанк АД Скопје соопшти дека поседува 100 отсто од капиталот на осигурителната компанија Нова осигурување АД Скопје, со што официјално се потврди информацијата од Македонската берза дека акциите на осигурителната компанија на 9 јануари годинава се продадоа за вкупно 3,2 милиони евра во две блок-трансакции.

Според најавите од Халкбанк, наскоро ќе следува процес на ребрендирање на осигурителната компанија по што ќе почне со работа под брендот на Халк.

-Следејќи ја успешната практика на нашата матична банка Халкбанк Турција, која е сопственик на осигурителната компанија Халк Сигорта, а со цел проширување на присутноста на нашиот бренд во рамките на финансискиот пазар во Македонија, отсега под името ХАЛК ќе се нудат и услуги во доменот на осигурувањето. Со оваа капитална инвестиција, убеден сум дека и позицијата на Халкбанк дополнително ќе се зацврсти како успешен и сигурен бренд и ќе дејствува во насока на понатамошен развој на компанијата во финансискиот сектор во земјата, изјави Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк.

Халкбанк Турција (Turkiye Halk Bankası A.Ş.) е доминантен акционер на Халкбанк АД Скопје и е една од најголемите банки на турскиот пазар, во чија сопственост се и друштвата Халк Лизинг, Халк Факторинг, Халк Инвестиции и Халк Пензиски фонд.

Халк Сигорта, пак, е една од најголемите осигурителни компании на турскиот пазар, која својата визија да биде водечка компанија и пример за дејствување во осигурителниот сектор, истовремено применувајќи иновативни и пионерски практики, ќе ја пренесе и на македонскиот осигурителен пазар.

 

(МИА)