Нов бран поскапувања на банкарските услуги ги очекува граѓаните од 1 август, откако дел од најголемите банки во земјава најавија зголемување на провизиите и надоместоците за низа секојдневни услуги.
Според новите тарифници, провизијата за одредени банкарски трансакции ќе се зголеми од 90 на 120 денари, што претставува раст од повеќе од 30 проценти. Најголем удар ќе почувствуваат граѓаните кои редовно плаќаат сметки на шалтер, меѓу кои најбројни се пензионерите и повозрасните лица кои поретко користат дигитални банкарски услуги.
Поскапувања се предвидени и за пензионерските сметки. Основните пакети наместо 20 ќе чинат 25 денари месечно, додека повисоките пакети ќе поскапат од 30 на 35 денари. Повисоки ќе бидат и трошоците за девизните сметки, кои отсега ќе се наплатуваат по 35 денари месечно за секоја валута, наместо досегашните 30 денари.
Дополнителен финансиски товар ги очекува и граѓаните кои планираат да земат станбен кредит. Од август се воведува нова еднократна провизија од 1 до 1,5 проценти од износот на кредитот, што кај поголемите кредити може да значи дополнителен трошок од над 60.000 денари уште пред вселувањето во новиот дом.
Незадоволство има и кај граѓаните и кај компаниите, кои предупредуваат дека трошоците за основните банкарски услуги постојано растат. Според пресметките, едно просечно четиричлено семејство кое користи трансакциски сметки, платежни картички, мобилно банкарство и повремено плаќа сметки на шалтер, би можело да троши меѓу 600 и 1.000 денари месечно само за банкарски услуги. На годишно ниво тоа значи дополнителен трошок од 6.000 до 12.000 денари.
Економските аналитичари предупредуваат дека новите тарифници доаѓаат во период кога трошоците за живот и онака се зголемени, а останува да се види дали и останатите банки ќе го следат трендот на поскапување на услугите.