Банките нема да им наплаќаат на социјалните случаи за деблокирање на сметките поради неплатени долгови. На  средбата на банкарската асоцијација со министерот Тевдовски и министерката Дескоска, банките се согласиле да не наплаќаат надомест доколку се блокира сметка на човек кој е социјален случај, прима алиментација, хуманитарна помош или друг вид заштитен приход.

И тие се свесни дека она што банките го наплаќаат како 2.500 денари за деблокирање на сметка на примател на социјална помош, студентска стипендија, е недозволиво да го плаќа, тоа е голема сума, а за банките исклучувањето на овој надомест не е никаков финансиски проблем. Остануваме на законските одредби и имаме согласност од банките, рече министерката Дескоска.

Комората на извршители не се согласува со предлогот, тарифите да им се намалат за 60-90 %. Се жалат дека приходите драстично им се намалуваат иако бројките покажуваат дека во  нивниот бизнис се вртат милионски суми пари односно дека најпрофитабилниот извршител за 1 година имал приходи од 600 000 евра, а добивката му тежела 270 000 евра.

Во јавноста се уште е свеж случајот на пензионер кој за долг од еден денар, на извршител му плати повеќе од 200 евра. Со законот кој е во собраниска процедура и треба да се усвои до крајот на годинава, се планира кратење на сите трошоци што граѓаните ги имаат за стари долгови, па така за долг до 1000 евра трошокот за деблокирање од 20 евра ќе се намали на 2 евра, а за поголемите долгови ќе се плаќа најмногу 6 евра. Ако досега за неплатена сметка од 11 000 ден. дополнителните трошоци на граѓаните изнесуваа околу 5800 денари , со новиот закон тие ќе се сведат на 1660 денари.