Банките во еврозоната планираат да ги заострат критериумите за доделување станбени и кредити на компаниите на крајот на годината, додека критериумите за потрошувачки кредити треба да се релаксираат, покажа во вторник студијата на Европската централна банка (ЕЦБ).

Критериумите за одобрување станбени кредити се заострија во третиот квартал, додека оние за кредити на фирмите се ублажени. Домаќинствата, пак, би можеле да очекуваат горе-долу исти услови за давање потрошувачки и други кредити како пролетва.

Побарувачката на компаниите за кредити и кредитни линии е малку повисока во периодот од јули до октомври во однос на претходниот квартал, покажува истражувањето на ЕЦБ спроведено меѓу 146 банки од еврозоната во периодот од 20 септември до 5 октомври.

Граѓаните, пак, беа охрабрени од ниските каматни стапки и оптимизмот дека состојбата во економијата ќе се подобри по ублажувањето на корона-мерките, па летово покажаа поголем апетит за станбени и потрошувачки кредити.

Заемодавачите очекуваат дополнително зголемување на нето побарувачката од кредитирањето на компаниите и домаќинствата во четвртиот квартал, покажува кварталното истражување на ЕЦБ.