И во текот на изминатата година во Косово продолжија да циркулираат фалсификувани пари, иако, според Косовската агенција за форензика, во 2022 година има намалување на бројот на фалсификувани пари во однос на претходната година. Банкнотата од 100 евра била најчесто фалсификувана. Вишиот специјалист за документи и ракописи во Агенцијата за форензика на Косово, Фериз Селимај, изјави дека во 2022 година имало околу 800 фалсификувани банкноти и над 10.000 метални монети, објави Коха, пренесува порталот КосСев.

„Во 2021 година имавме вкупно 5.625 фалсификувани банкноти, а најмногу фалсификувана е банкнотата од 100 евра – 2.639 банкноти, додека истата година имаше вкупно 10.589 монети, а од овој број најмногу фалсификувани монета од две евра – 9.991 парче. Во меѓувреме, во 2022 година најмногу пати била фалсификувана банкнотата од 100 евра, вкупно 356 банкноти, додека најфалсификувана метална монета била монета од две евра – 8.434 парчиња“, нагласи Селимај.

Според податоците на полицијата, најмногу случаи на фалсификување пари пријавуваат банките од банкоматите, но и од бензинските пумпи.

„Во некои случаи полицијата успеала да фати осомничени кои се обиделе да продадат лажни пари и да конфискува одредени суми од тие пари. Затоа, доколку е можно да се откријат вакви случаи, тогаш ќе има помалку случаи кога бизниси и поединци ќе станат жртви на фалсификување пари“, се наведува во писмениот одговор на полицијата, цитиран од Коха.