Левица и официјално го поднесе предлог законот за укинување на апанажа кој се однесува не само за пратениците туку и за претседателот на државата и целата влада. Пратеникот од Левица Борислав Крмов денеска и јавно го образложи предлог законското решение кое вели треба сите едогласно да го прифатат и од етички но и од морален аспект.

ТВ 24 ги контактираше и пратеничките групи на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ од каде пак не сакаа да го коментираат ова предлог законско решение. Конкретно до сега  не се изјаснија ниту партиите од албанскиот блок во законодавниот дом. Дел од експертите пак го поздравуваат овој чекор на Левица но велат најпрвин треба да се пристапи кон укинување на финансирањето на партиите од буџетските сретства.

Универзитетскиот професор Борче Давитковски во краток телефонски разговор за ТВ 24 вели дека не етички и не морално е во услови на економска и пандемиска криза високи поранешни функционери да бараат апанажа иако како законско решение постои и дава можност, но смета дека најдобро за тоа е најпрвин да ги консултираат и партиите од кои доаѓаат.

Денеска со реакција се јавија и од Сојузот на синдикати на Македонија од каде пак во дописот до јавноста ги повикуваат пратениците да ја изгласаат нивната иницијатива за законското решение за пораст на минималната плата со износ од 60 проценти од просечната плата или 18.000 денари.

– Бараме политичките партии да не се препукуваат со поднесување предлог закони кои не се од егзистенцијална важност за работниците во време на економска, енергетска и ковид криза и наместо да го трошат времето и да одржуваат седници за лични нивни бенифити, да ја изгласаат иницијативата на ССМ за законското решение за пораст на минималната плата која бараме да биде 60 проценти од просечната плата или 18.000 денари, како и усогласување – зголемување на останатите плати согласно со Законот за минимална плата кој е поднесен до Собранието.

ТВ 24 и вчера контактиаше дел од поранешните владини функционери кои веќе поднеле барање за апанажа, но најголемиот дел од нив останаа недостапни. Меѓу имињата на екс  министрите кои поднеле вакво барање се Димитров, Царовска, Шеќеринска, Аријанит Хоџа. До средината на идниот месец ќе бидат познати и сите останати кои поднеле барање за апанажа велат собраниските служби.