Познатиот баркод, системот за идентификација на производите кој придонесе за глобализацијата на трговијата, денес слави 50 години, но постепено се заменува со друг систем за идентификација, КЈУАР кодот, како побогат со информации. За клиентите на касата во продавниците, баркодот е претворен во звук – звучен сигнал.

Секој ден, вертикални линии со различна дебелина се скенираат шест милијарди пати низ светот. Секоја секунда низ касите поминуваат околу 70.000 производи.

Баркодот, како „документ“ за идентитетот на производот, им овозможува и на професионалците да имаат пристап до други информации за производот, изјави за Франс Прес, Лоренс Валана, француски експерт за електронско означување, пренесува Бета. Баркодот првично беше патентиран од Американците Норман Џозеф Вудланд и Бернард Силвер во 1952 година, но подоцна беше усовршен и пуштен на пазарот под охрабрување на американскиот инженер Џорџ Лорер.

Така, на 3 април 1973 година, баркодот стана, по консултации меѓу големите производители и дистрибутери, системот што се користи за идентификување на производите за широка потрошувачка.

Овој код во Европа е познат и како EAН-13 (европски број на артикли) или едноставно како 13, цифрен број што го има. Првиот производ што беше скениран со помош на неговиот баркод, на 26 јуни 1974 година во Охајо, беше пакет гума за џвакање, сега изложен во Националниот музеј на американската историја во Вашингтон.