Безмалку 12 милиони евра по километар ќе чини изградбата на автопатите по Коридорот 8 и Коридорот 10д во Македонија , а министерот за трaнспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, тврдат дека, по актуелните цени, тоа е многу поевтино во однос на тарифите кои важеле порано во регионот.

Од четирите делници кои ќе ги гради конзорциумот Бехтел и Енка, под надзор на консултантот ИРД Инженеринг, најскапа и најкомплицирана ќе биде делницата Гостивар – Букојчани, за чие проектирање и изградба ќе се платат 560 милиони евра за 30,3 километри.

Понатаму, за делницата Требениште – Струга ќе се платат 360 милиони евра за 20,7 километри. За Прилеп – Битола ќе се потрошат 260 милиони евра за 39,4 километри, додека најлесна ќе биде изградбата Тетово – Гостивар, каде што ќе се искористи постоечката траса и ќе се платат 125 милиони евра за 17,5 километри. Податоците пред медиумите ги изнесе консултантот. Вкупната сума на целиот проект изнесува, како што е познато, 1,3 милијарди евра без експропријацијата. Излегува дека еден километар во просек ќе чини 12 милиони евра.

Од „Државни патишта“ пред јавноста беше претставена табела за споредба на која може да се види дека изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица чинела 7,79 милиони евра по километар во 2018, што е многу поевтина реализација од грчки „Актор“.

– Да, но арматурата тогаш беше 0,5евра по килограм, а сега е 1,5 евра. Цемент вреќа беше 3/4 евра, а сега е 8/9 евра. Битуменот е двојно поскап, работната рака исто двојно поскапа во споредба со тогаш, рече советникот Зоран Сламков.

Автопатот Приштина – Скопје, кој го градел истиот оператор – Бехтел и Енка, чинел 10,7 милиони евра по километар по цени од 2019. Истата компанија го градела и автопатот Појате – Прељина во Србија во должина од 112 километри, а еден чинел 6,77 милиони евра по километар по цена од 2020.

Автопатот Подгорица – Матошево во 2021 што го изградила компанијата Power China чинел 20 милиони евра по километар. Автопатот Блград – Сараево во 2021 чинел 13,9 милиони евра по километар, додека Владичин Хан – Грделичка Клисура изнесувал безмалку 11 милиони евра по километар.

Најевтините автопати ги градел македонскиот „Гранит“ – во БИХ за околу 5,5 милиони евра во просек во 2018 кога ги реализирал двете делници Бања Лука – Прњавор и Прњавор – Добој.

Дарко Спировски, претставникот од консултантот ИРД Инженеринг, вели дека сумата се темели на иницијален дизајн, а допрва треба основниот проект да покаже колкави ќе бидат трошоците.

– Моделот на Бехтел и Енка овозможува брза изградба, а има и физибилити студија изработена од Градежниот факултет од која може да се процени колку ќе чини се заедно. Основните проекти ќе се прават посебно за секоја делница по што сумата ќе може да се зголеми или намали. Најкомплициран по ова прашање е делот Гостивар – Букојчани, бидејќи се работи за планински предел, рече Спировски.

Неофицијално, Бехтел и Енка месецов преку државниот буџет ќе го добие првиот трансфер на авансна исплата со која ќе треба да започне да работи, најпрво на делниците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола, а првата сума што ќе ја добие ќе биде најверојатно повеќе од 80 милиони евра.