Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција апелираше до пратениците да не го блокираат законот со којшто се овозможува намалување на цената на производите за менструална хигиена.

Ако собраниската Комисија за финансирање и буџет го блокира законот со кој треба да се намали цената на хигиенските влошки, донесена ќе биде времена мерка, соопшти Бектеши.

Додаде дека законското решение е во Собрание и ги повика пратениците да го усвојат.

Тоа ќе се направи со закон, директно. Министерството за економија е подготвено, ако случајно има недоразбирање во Собранието и се блокира законското решение во Комисијата за финансирање и буџет, да донесе времена мерка, но, сепак, сакаме трајно решение, вели министерот.

Кон крајот на минатата година премиерот Димитар Ковачевски најави намалување на даночното оптоварување на производите за менструална хигиена, како дел од мерките за даночни реформи и праведност на даночниот систем во земјава.

Ковачевски тогаш потенцираше дека со планираните измени ќе има намалување на ДДВ-то на производи за менструална хигиена од 18 на пет проценти.