Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оцени дека  угостителите имале доволно помош во четвртиот пакет мерки и дека не се согласува со нивните умтиматуми.

– Имаше директни грантови за угостителите со 4-тиот пакет мерки, но ниту една дејност нема да биде заборавена и со петтиот пакет мерки. Не се согласувам со ултиматумите, а секако ги охрабрувам на искажување на своето мислење преку протести. Осум месеци се плаќаат платите од државата, вклучувајќи го тука и угостителството. Секако ќе има и други олеснувања – рече Бектеши.

Тој појасни дека Владата не ги носи протоколите за работа.

– За тоа е задолжена професионална комисија составена од експерти во делот на пандемијата, а ние само ги почитуваме нивните предлози. Во моментот кога ќе добиеме одреден протокол секако дека ќе ги усвоиме како Влада – рече Бектеши.

Угостителите во периодот од 14 до 17 часот денеска ќе ја блокираат раскрсницата на булеварот Александар Македонски незадоволни од тоа што не им се дозволува да работат.