Министерот за економија Крешник Бектеши очекува дека оваа година ќе имаме инфлација од само 7,1 отсто, а ако продолжи трендот на намалување на цените на енергенсите и на суровините, таа може да биде и пониска. Образложувајќи на што ги темели ваквите прогнози, тој рече податоците од Царината за суровините, како и од енергетските берзи, покажуваат стабилизација и надолен тренд, кој се очекува да продолжи и во наредните месеци.

-Последните три месеци се намалува инфлацијата. Убеден сум дека ќе ја намалиме на 7,1 отсто, а ако трендот на намалување прдолжи и во наредните месеци, по летото, мислам дека можеме да одиме и под 7,1 отсто. Претходните години инфлацијата во земјава се движеше од 0 до 2 проценти, но влеговме во енергетска криза, а ние сме увозно зависна земја од суровини репроматеријали што дополнително ја надува инфлацијата во земјава. Последните недели цената на струјата на берзите се движи околу 140 евра за мегават час, а кај нас е дури и пониска поради зголеменото домашно производство. Цените пак на суровините се намалија од 20 до 20 отсто, а цената на дизелот се доближи до 74 денари како што беше претходно, така што реално е да се очекува стабилизација на инфлацијата – нагласи Бектеши.

Министерот за економија ја искористи прес-конеференцијата во Владата да ја анализира и потрошувачката кошничка. Тој укажува дека инфлацијата за август минатата година е два пати пресметана во методологијата на ССМ, па затоа бројките од август не треба да се земаат предвид кога се зборува за покриеноста на синдикалната кошница со минималната плата. Според Бектеши, во моментот сме стигнати на 2,1 плата за покривање на миминалната синдикална кошница во однос на тоа што било претходно. Во 2012 година требале 3,9 плати, во 2013-та и 2014-та четири плати, од 2017 до денес имаме само надолен тренд.

-Во април ќе се исплаќаат платите согласно последната одлука, и во делот на минималната плата и во делот на линеарното зголемување во јавниот сектор од 2.175 денари. Споредбените анализи покажуваат дека оваа Влада е целосно посветена на утврдување минимална плата со која граѓаните ќе можат да го покријат месецот – подвлече министерот.