Мерките што ги презема Владата за замрзнување на цените ќе имаат свој ефект особено во текот на месец април. Според министерот за економија Крешник Бектеши, тоа ќе влијае на значително намалување на инфлацијата во земјава, изјави во своето синоќешно гостување во телевизија Клан.

„Во месец април ќе има значително намалување на инфлацијата во РСМ… Не ветувам, но сигурен сум. Намалување ќе има и во март, но имајќи предвид дека мерките ќе имаат влијание во текот на месец април, тогаш ќе имаме значително намалување на инфлацијата во Македонија, особено во сегментот за прехранбени производи и енергетика воопшто“, изјави Бектеши.

Според него, во периодот што следи може да се очекуваат повисоки цени на овошјето и зеленчукот, бидејќи нема локално производство.

„Може да се случи да имаме повисоки цени на овошјето и зеленчукот. Зошто се случува ова? Бидејќи во овој временски период РСМ, имајќи ја предвид географската положба за производство на земјоделски производи, нема локално производство на овошје и зеленчук и зависноста од увоз е речиси 100 отсто во текот на месец март“, наведе министерот.

Крешник Бектеши во Клан дебата ги повика сите граѓани да пријават случаи на непочитување на владините одлуки за замрзнување на цените од различни трговци

Тој вели дека инспекторите се постојано на терен, но не ја исклучува можноста како и во минатото да има случаи разни трговци да го прекршат решението и да продолжат со високите цени на прехранбените или непрехранбените производи.