Министерот за економија Крешник Бектеши во синоќешното гостување во емисијата „24 Оворено“ на Телевизија 24, најави дека денеска до Европската комисија ќе бидат испратени барања за директна помош за индустријата, како и барање за кофинансирање на проектите и субвенциите за сите домаќинства и компании.

-Нашите барања ќе бидат за директна помош на индустријата и директна помош со кофинансирање на ЕК, заедно со државниот буџет, за поддршката на малите потрошувачи. Ќе ја прошириме листата на ранливи категории од 1-ви јануари со поддршка на ЕУ. Ќе бараме кофинансирање на проектите и субвенциите или пак за сите домаќинства или мали компании кои ќе направат инвестиции на нивните покриви, рече Бектеши, но не сакаше да открие за колку пари станува збор.

-Утре ќе испратиме писмо до ЕК. Во моментот кога ќе добиеме одговор, ќе објавиме. Најверојатно тоа ќе биде наредната недела, бидејќи претседателката Урсула Фон дер Лајен доаѓа во посета на земјава и може ќе објави што ќе следи како помош од ЕК. Јас очекувам Брисел да даде поголема поддршка за нашата земја, бидејќи сме направиле поголеми отстапки, додаде Бектеши.