Следниот ден откако ќе биде усвоен ребалансот на Буџетот Министерството за економија ќе почне со реализација на мерките за финансиска поддршка согласно Четвртиот сет на мерки кој што го донесе Владата, кажа министерот за економија Крешник Бектеши за „Бизнис поенти“.

Министерот потенцираше дека ребалансот на Буџетот не доцни и финансиската поддршка која што ја предвидува Владата во Четвртиот сет навреме ќе стигне кај најпогодените компании и граѓани.

Следниот ден откако ќе биде усвоен ребалансот на Буџетот, Министерството за економија ќе ги објави сите мерки кои што се во наша надлежност, посебно за најпогодените сектори како што се туризмот, хотелиерството, угостителите, занаетчиите“, кажа министерот Бектеши и потенцираше дека Владата е подготвена да продолжи со нови мерки и после декември, доколку има потреба за тоа, се со цел најпогодените сектори да продолжат да работат.

-Што се однесува до угостителството и во Кризниот штаб и во Економскиот совет и ние како Министерство за економија во моментов не размислуваме за целосен карантин, односно целосно затварање на овој сектор, но тоа ќе зависи од бројот на заразени и од епидемиолошката слика во државата. Секако доколку се случи тоа, ние ќе излеземе дополнително во пресрет на туристичко-угостителскиот сектор како што и беше досега, бидејќи тие беа и се опфатени во сите четири сета економски мерки кои ги донесе владата, кажа Бектеши и додаде дека доколку има дополнителни рестриктивни мерки за овој сектор, тогаш секако дека ќе бидат донесени нови мерки за поддршка.

Ние ги правиме анализите и доколку има потреба ќе биде донесен и петти и шести пакет економски мерки“, рече министерот.

Бектеши потенцираше дека следат тешки денови за економијата, но сепак оптимизам влеваат податоците од Државниот завод за статистика според кој се намалува падот на индустриското производство споредено со податоците од вториот квартал, што според Бектеши покажува деа мерките кои ги донесе Владата биле во вистинска насока.

-Со мерките кои ги носиме правиме напари падот на економијата да биде помал, односно на ниво од 4,4%, рече министерот Бектеши во интервју за „Бинзис поенти“.