Советниците од општина Берово не го донесоа буџетот за 2022 година и доколку до 31-ви декември не се изгласа, ќе биде оневозможено навремено финансирање на претходно усвоените програми и проекти. Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски вели дека опозициските советници од ВМРО ДПМНЕ го искористиле отсуството на претседателот на Советот, со што односот на силите бил 7 на спрема 7 и гласале воздржано. Во следните 3 месеци ќе има пари само за исплата на плати на вработените.

– Практично тоа би значело дека 3 месеци од тековната буџетска година, иако имаме поголем број на проекти, нема да можеме да ги реализираме, само заради тоа што тие со одлуката го опструираат самиот буџет. Тоа не е на штета на градоначалникот, туку на штета на сите единки корисници кои се во состав или се финансираат од буџетот на општината, изјави Звонко Пекевски, градоначалник на Берово.

На Комисијата за финансирање и буџет, советниците немале никакви забелешки, но за време на седницата на Советот го промениле ставот. Во образложението за ваквата нивна одлука стои дека, приватниот сектор воопшто не фигурира, а социјално ранливите категории не се доволно опфатени.

– Ја гласаа програмата за социјална заштита во која се предвидени одредени надоместоци во износ и за колкава бројка на корисници, за да подоцна кажат дека истата не е доволна во буџетот. Значи, средствата се алоцираат во самата програма, а подоцна само финансиски се утврдуваат во буџетот за соодветната буџетска година, додаде Пекевски.

Со новите социјални трансфери се предвидува за секој нов првоодделенец и средношколец наместо 3000 денари, да се исплаќа по 5000 денари, а за секое новороденче по 6000 денари.