Турската берза го прекина тргувањето откако националната валута во петокот падна под 17 лири за американски долар. Лирата изгуби повеќе од половина од својата вредност во однос на американскиот долар од почетокот на 2021 година.

– Од 16.24 часот (време во Истанбул) на пазарот на сите акции на нашата берза привремено се прекинати трансакциите – се наведува во соопштението на берзата.

Валутата на земјата падна поради притисокот на претседателот Реџеп Таип Ердоган врз централната банка да ги намали трошоците за задолжување за да ја поттикне турската економија.
Турската централна банка во четвртокот објави дека ја намалува основната каматна стапка од 15 отсто на 14 отсто и покрај инфлацијата од 21 отсто.

Централната банка ја намали основната каматна стапка за 400 базични поени од септември. Во текот на изминатите две години, регулаторот интервенираше три пати за да ја одржи лирата во живот со продажба на долари.

Монетарната политика на владата, заедно со значителната депресијација на лирата, дополнително ќе влијае на инфлацијата – на почетокот на 2022 година се очекува таа да скокне на 30 отсто во однос на  претходната година, според S&P Global Ratings, кој ја намали прогнозата за државните кредити на негативна оцена.