Вредноста на акциите на светските берзи во слободен пад. Драстичните промени на курсот на Волстрит предизвикаа големи загуби. Шокот од најголемиот крах во последните шест години предизвика страв кај светските инвеститори. Само во последната недела, светските берзи изгубија вредност од неколку трилиони долари.

Од Белата Куќа смируваат дека се работи за краткорочно колебање на пазарите. Минусот на Волстрит во еден момент достигна цели 1.600 поени. Индексот „Дау Џонс“ потона за повеќе од четири отсто што предизвика страв од верижна реакција на сите други  пазари на капитал. Најголем губиток е забележан во финансискиот, здравствениот и во индустрискиот сектор.

Промени има кај сите светски берзи. Рекордни загуби има на берзата во Токио. Берзанскиот индекс во Хонгконг бележи минус од скоро пет проценти, а слична и состојбата во Шангај. Загуби има и кај јужнокорејски и австралиски акции, но и акциите на европските берзи.