Република Северна Македонија е членка на Организацијата на Обединетите Нации  30 години. Во изминатиот период даде придонес во решавање на меѓународни конфликти и во зачувување на мирот и безбедност. Сега веќе како земја членка на НАТО продолжува да дава придонес во одржувањето на безбедноста и мирот во светот, а определбата да стане дел од Европската унија ја насочува да обезбеди развој и економски просперитет.

Ова беше констатирано на средбите на министерот за финансии Фатмир Бесими во седиштето на ООН, каде разговараше со заменик-генералниот секретар на ОН Амина Мохамед како и со регионалната директорка за Европа и Централна Азија Ивана Живковиќ.

„РС Македонија се посветува на активностите коишто значат развој и просперитет на државата, притоа имајќи ги предвид Глобалните цели за одржлив развој утврдени од ОН. Заедно со ОН, со коишто и досега имаме одлична соработка и партнерски однос, подготвувавме Национална стратегија за развој која ги дефинира приоритетите и го опишува развојниот пат на земјава во наредните 20 години. Економски развој, заштита на животна средина и енергија, како и јавни финансии се главни идентификувани области во Стратегијата која треба да биде готова до крајот на оваа година“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека земјата добива континуирана поддршка од оваа меѓународна организација и дека значајни области во кои е насочена таа е зелената агенда или заштита на животната средина, унапредување на децентрализацијата, сузбивање на сивата економија и слично.

„Можам да потврдам дека нашата земја е една од деветте земји во светот на која и е одобрена поддршка на проект од Фондот за цели за одржлив развој – SDG фонд. Станува збор за проект за воспоставување инструмент за финансирање зелени проекти за подоборување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени. Целта е полесен пристап до средства за проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност за домаќинстватa и за малите и средни претпријатија. Фондот обезбедува 7,9 милиони американски долари, Владата ќе кофинансира со средства во износ од 800 илјади американски долари, а заедно со ЕБОР и вклучените банки програмата се проценува на 46,5 милиони американски долари. Се очекува средствата за крајните корисници да бидат на располагање во средината на оваа година.  Тоа ќе овозможи забрзана примена на обновливи извори за енергија и енергетска ефикасност, а кои ќе придонесат кон намалување на загадување на воздухот. Проектот ќе се имплементира од страна на агенциите при Обединетите нации – УНДП, Меѓународна организација за миграција (IOM) и Економска комисија на ОН за Европа (UNECE) – во партнерство со ЕБРД“, рече министерот.

Со програмите на ОН се работи и на унапредување на фискалната децентрализација,  ставање во функција на воспоставените два фонда со Законот за финансирање на локална самоуправа, Фонд за воедначување и Фонд за перформанси, како и за подобрување на капацитетите на општините за наплата на сопствените приходи.  Се преземаат активности за сузбивање на неформалната економија, како и за поддршка на области кои се најпогодени од енергетската и ценовната криза.  За поддршка во овие области веќе е потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за финансии и УНДП, програма на ОН.

 

Министерот за финансии средбите во ООН ги одржа во рамки на неговата посета во САД, каде ќе учествува и на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд и ќе оставри средби со високи претставници на овие меѓународни финансиски институции.