Од Буџетот за 2021 година веќе се префрлени четири милијарди денари на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за обезбедување дополнителни количества електрична енергија, вклучително и балансна енергија, изјави за медиумите министерот за економија Фатмир Бесими. Како што рече, во насока на ублажување на последиците од оваа енергетска криза која е со пошироки размери и не ја опфаќа само Македонија се преземаат соодветни чекори ублажување на последиците од енергетската криза.

-Прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија и се преземаат мерки и активности насочени кон обезбедување дополнителни количини електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва на активна моќност согласно утврдената кризна состојба, вели Бесими.

Тој појасни дека дополнително, за заштита на најранливите категории, Министерството за труд и социјална политика во координација со Министерството за економија се задолжени да подготват мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија.

-Ваква мерка веќе се спроведува и имаме 45.622 корисници од ранливи категории кои добиваат 1.000 денари додаток за покривање на трошоци за греење. Мерка која, исто така, ја донесовме и веќе се спроведува, а беше во насока токму на заштита на стандардот на граѓаните, е намалувањето на ДДВ кај електричната енергија од 18 на 5 проценти за домаќинствата, истакна Бесими. Притоа додаде дека состојбата се следи, а очекувањата се дека ситуацијата на глобално ниво ќе се стабилизира најдоцна до средината на наредната година.