Министерот за финансии Фатмир Бесими се вклучи во процесот на издавање на граѓанската обврзница со симболично купување на една граѓанска обврзница. Ова го објави денеска на својот фејсбук профил, наведувајќи дека со оваа инвестиција придонесуваме за развојот на земјата во развојни проекти кои се финансираат од буџетот, а се во интерес на економијата и благосостојбата на граѓаните.

– Поднесов барање до банката за купување хартии од вредност – „Граѓанска обврзница“, банката ќе ме извести за резултатот од аукцијата што ќе се одржи на 13 јули 2023 година, а сопственоста на граѓанските обврзници ќе се евидентира во Депозитарот за хартии од вредност на 20 јули 2023 година, напиша министерот на Фејсбук.

Бесими, како што соопшти Министерството за финансии, посочи дека оваа инвестиција од 10.000 денари се очекува две години по ред да му донесе принос од 500 денари, и тоа на 20 јули 2024 година и истиот датум во 2025 година кога ќе биде вратена вложената вредност од 10.000 денари.

Тој ги повика и граѓаните да бидат дел од овој важен процес во земјата, кој, како што наведува, им нуди лична благосостојба со сигурни и поволни инвестиции.

Министерот Бесими посочува дека со цел да избегне каков било конфликт на интереси, поради неговата јавна должност како министер за финансии и со овластувања за одлучување при издавање на хартии од вредност со цел финансирање на буџетот,  нема да учествува со дополнителни инвестиции во граѓански обврзници додека ја извршува оваа јавна должност.