Зголемување на ставката плати во јавниот сектор за 4,25 милијарди денари, дополнителни 3,5 милијарди денари за раст на пензиите, дополнителни 800 милиони денари за земјоделски субвенциии, дополнителни средства за здравството и образованието. Ова се само дел од проекциите предвидени со Одлуката за прераспределба на годинашниот Буџет што ја донесе Владата, соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција.

Тој подвлече дека не станува збор за ребаланс, бидејќи, како што рече, до крајот на годината се очекува реализација на приходната и расходната страна во ист номинален износ, како што е проектирано со Буџетот за 2023 година. Следствено, дополни министерот, и буџетскиот дефицит останува ист, односно 4,2 отсто од БДП, што ја докажува посветеноста кон постепена фискална консолидација.

– Предлагаме прераспределба, а не ребаланс. Прилагодувањата се направени преку реалокација на средствата од позиции каде има послаба динамика и каде процесите дозволуваат да се направат прераспределби, кон позиции каде преземавме обврски – како покачување на платите во јавниот сектор и исплата на К-15, ново покачување на пензиите за пензионерите, повеќе средства за социјална помош, за набавка на лекови, за субвенции за земјоделците, како и за деветиот пакет на антикризни мерки кој Владата наскоро ќе го објави. Направени се прилагодувања кај некои од капиталните проекти согласно тоа што го дозволува динамиката на нивната реализација, при тоа напоменувам дека не се отфрла ниту еден капитален проект, како и дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно согласно златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и развојни цели – истакна Бесими.

Тој детално ги образложи проектираните прераспределби.

– Ставката плати во јавниот сектор ја зголемуваме за 4,25 милијарди денари и тоа околу три милијарди денари за зголемување на платите за 10 отсто од месец септември 2023 година и исплата на регрес за годишен одмор во висина од 10 000 денари во нето-износ, согласно одредбите од Општиот колективен договор. Од овој износ, околу 1,4 милијарди денари се за 50 000 вработените на централно ниво и фондовите, 1,1 милијарда денари се за 36 000 вработените на локално ниво и 500 милиони денари се за 20 000 вработените во здравствените установи. Односно, вкупно за 106 000 вработени во јавниот сектор. Гледано во структура, околу 1,8 милијарди денари се за зголемување на платите за исплата на преостанатите плати годинава, додека околу 1,2 милијарди денари се за исплата на регрес за годишен одмор. За покачувањата на платите на 1.000 функционери, односно 450 судии, 150 обвинители, 120 пратеници, 50 правобранители, владини функционери-министри, директори, предвидени се 720 милиони денари. За усогласување на платите со порастот на минималната плата во текот на 2023 година предвидени се 480 милиони денари – информира Бесими.

Бесими додаде дека се обезбедуваат дополнителни 3,5 милијарди денари за 336.000 пензионери за пораст на пензиите за околу 6 отсто, почнувајќи од септември 2023 година.

– Се дообезбедуваат и 600 милиони денари за редовно сервисирање на обврските кон вториот пензиски столб. Притоа, за исплата на социјалните права за 36.000 корисници на гарантиран месечен приход планирани се дополнителни 600 милиони денари, а ова зголемување се должи по основ на повисока реализација заклучно со август. Кај земјоделски субвенции алоцирани се дополнителни 800 милиони денари наменети за субвенциии за млеко, сточарско производство, дел и авансно финансирање на земјоделците за растително и сточарско производство. Исто така за Агенција за хана и ветеринарство за справување со африканска чума на фарма АГРИЈА на 9 151 грла планирани се неопходните 110 милиони денари – нагласи Бесими.