Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа. Консултациите инаку, се започнати од 2020 година, напоредно со анализите за перформансите на даночниот систем и неговото унапредување. Концептот на даночната реформа во суштина се однесува на зголемувањето на наплатената маса на даноците, главно преку зголемувањето на опфатот, односно преиспитувањето на преференцијалниот третман на одредени категории, но и воведување на повеќе обврзници во системот, односно намалување на неформалната економија.

Суштинската анализа и широката јавна дебата се значаен дел на реформата

Наплатата на давачките кај нас е далеку под европскиот просек, а заостануваме и зад регионот. И во претходната колумна го опфатив ова, но важно е да се посочи бидејќи ова е суштината која покажува дека треба и мора да има системски промени. Во периодот од 2008 до 2020 година присутен е значителен јаз помеѓу учеството на приходите од даноци и придонеси во БДП во ЕУ-27 и во Северна Македонија. Во 2008 година, вкупните даночни приходи и социјални придонеси учествуваат со 38,4% во БДП на ЕУ-27, додека во Северна Македонија со 27,7%. Овој јаз дополнително се продлабочува и зголемува низ годините. Во однос на земјите од Западен Балкан, исто така, убедливо имаме најмало остварување. Учеството само на даночните приходи во БДП кај нас е уште помало, и во 2020 година изнесуваше 16,1%. Според експертите на Светската банка, уделот на даночните приходи во БДП е важен за економскиот раст и намалување на сиромаштијата, бидејќи осигурува дека државите располагаат со потребните средства за да инвестираат во иднината и за да постигнат одржлив економски раст. Развиените земји, вообичаено, имаат повисок удел, просекот кај земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) е 33,8% во 2019 година, или двојно во однос на нашиот резултат.

Согласно овие податоци, очигледно е дека има потреба од промени во системот. Даночната реформа, не е ad hoc решение за итно зголемување на приходи на буџетот во услови на криза. Тие досега се реализираат согласно планот и постојано сме ги корегирале нагоре со ребалансите. Реформата е важна за идниот економски раст и праведноста во даночното оптоварување. За да биде одржлива, покрај темелната анализа, таа треба да помине низ инклузивен процес на широка дебата. Како што би рекол францускиот писател и моралист Жозеф Жубе „Подобро е да се дебатира за прашање без да се реши, отколку да се реши прашање без да се дебатира“.

Со право Концептот за даночна реформа доби големо внимание во јавноста. Има и судир на мислења – едни сметаат дека треба да се воведе прогресивен данок, другите се против, некои сметаат дека наместо банкарските депозити треба да се оданочуваат профитите на банките, други се за оданочување на „екстра„ профитите на компаниите, има и од тие што предлагаат зголемување на акцизите на алкохолот и тутунот за повеќе приходи за здравство и спорт.

Листата на предлози е широка, меѓу кои се спомнува и „привремен„ данок, како други и слични предлози на страната на ДДВ и другите даноци. И добро е да има дискусија и да се изнесат сите мислења и аргументи.

Проширувањето на даночната основа вклучува пред се формализирање на неформалниот сектор

Сите кои досега аргументираа во јавноста за и против потребата за даночна реформа, се осврнаа и на сивата економија. И тука би сакал јасно да дадам до знаење, иако беше посочено и во претходната колумна, потенцирам – борбата против сивата економија е дел од реформата, односно со системските измени ќе се преземат низа мерки за формализирање на неформалниот сектор. Кога велам зголемување на даночната основа, тоа подразбира и воведување во неа субјекти од неформалниот дел.

Оваа колумна, во насока на транспарентноста и отчетноста кон јавноста, ќе ја насочам целосно кон политиките, мерките и активностите кои ќе ги преземеме во насока на сузбивање на сивата економија.

Сивата економија како константанта

И покрај сите предизвици, со кои светот и ние како економија и општество се соочуваме во овој период – пандемијата, ценовната и енергетската криза, сивата економија, како проблем останува „евергрин“. Сивата економија е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат многу економии во развој, вклучително и нашата. Накусо, сивата економија е затајување на данок, дисторзија на пазарот, нелојална конкуренција и неефикасна распределба на ресурсите. Таа ја поткопува конкурентноста на фирмите и поединците и создава неправична и незаконска “предност” на оние кои не ги исполнуваат законските обврски. Со избегнување на даночните обврски се руши системот на еднаквост, и се оштетуваат сите.

Сивата економија е штетна за сите граѓани и затоа е клучно секој да појде од себе и да се даде индивидуален придонес во решавањето на овој предизвик. Една актуелна паралела е електричната енергија и енергетската ефикасност. Ако сите заедно сме посвесни во однос на користењето на електричната енергија, сите заедно ќе плаќаме поевтина цена.

Гледајќи ја големата слика и целта кон која сакаме да стигне нашата економија, и покрај многуте предизвици изминативе две години откако започна пандемијата, работевме на мерки и планови со кои треба да се сузбие овој горлив проблем за нашата економија. Во рамки на ова е и Акцискиот план за сузбивање на сивата економија на Министерството за финансии, кој е дел од Акцискиот план и Стратегијата за формализација на неформалната економија на Владата. Станува збор за сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформално вработените, нерегистрираните деловни субјекти и неформалните активности во рамки на формалната економија.

Феномен во секое општество

Неформалната економија е присутна во сите земји. Нејзиното ниво и форми се различни и се поврзуваат со степенот на развиеност на земјата. Нивото на застапеност на сивата економија е многу тешко да се измери поради самиот карактер. Сепак, развиени се неколку методи за проценка на нејзиниот обем директни методи, кои се базираат на директни податоци собрани преку анкети, набљудувања и интервјуа со економските оператори и индиректни методи преку кои се утврдува степенот на сивата економија преку макроекономските индикатори, како односот помеѓу готовината и депозитите, физичкиот инпут и сл.

Општо, земјите со понизок степен на развиеност имаат повисока неформална економија, главно поради неможноста на формалниот сектор да создаде доволно работни места. Но, практиката и во земјите од ЕУ покажува, исто така, дека неформалниот сектор опстојува и на повисоко ниво на развиеност. Според проценките на ММФ, сивата економија во просек е на ниво од 35% од БДП во ниско и средно развиените економии, за разлика од 15% од БДП во развиените економии. На пример, проценката за степенот на застапеност на сивата економија во Австрија е околу 9%, Германија 15%, во Грција 26% итн. Во земјите во регионот, сивата економија, се движи околу 30%. На пример, во Косово околу 39%, Црна Гора 38%, Хрватска 35%, Србија 34%, Босна и Херцеговина 34,4% и Албанија 28,3%. Накусо, не постои економија, каде сивата економија не е застапена.

Има неколку клучни фактори кои влијаат врз нејзината застапеност, а тоа се: степенот на економска развиеност на земјата, степенот на дигитализација, даночниот товар, парафискалните давачки, високата регулација на формалната економија, особено на пазарот на трудот, користење на готовински плаќања, нивото на корупција, довербата во државната администрација и даночниот морал.

Јакнење на даночниот морал – како основа за стратегија за сузбивање на сивата економија

Не постои универзален модел за намалување на сивата економија. ОЕЦД предлага форма вотри столба, со чие спроведување може да се намали овој општ економски проблем. Прво, едукација на даночните обврзници, и едноставни регулативи. Второ, намалување на можностите за вклучување во активности на сивата економија и трето, зајакнување на општествените норми. Овие три столба се добра основа за градење на национaлните стратегии.

Во регионот, стратегиите за сузбивање на сивата економија, главно се засниваат за подигнување на свеста на важноста на формализирањето на економските активности. Дополнително, Албанија покрај кампањата има преземено мерки за унапредување на инспекцијата и надзорот, како и олеснување на административните процедури, како и мерки за унапредување на фискализацијата. Србија, покрај интензивната кампања за подигнување на „даночниот морал“, воведе мерки за унапредување на супервизијата, даночни и фискални мерки за поттикнување на формализирање на економските активности и намалување на административното и пара-фискалното оптоварување.

Затоа, неопходно е низ системот на образование и јавното информирање континиурано да се преземаат активности за подигнување на свеста на граѓаните за негативните ефекти од неформалната економија и на тој начин да се влијае во насока на зголемување на даночниот морал, со што ќе се придонесе кон подигнување на квалитетот на јавните добра и услуги кои ги обезбедува земјата.

Минатата година, Министерството за финансии со поддршка на УНДП започна информативна кампања „Внеси боја“ и тргнавме од максимата “Помалку сива економија, поквалитетен живот!”. Симболично со исцртување на круг во сива боја го означивме стартот на активностите за намалување на сивата економија преку зголемување на свеста на граѓаните.

Сивата економија е горлив предизвик и за нашата економија

Иако, како што спомнав погоре, фокусот изминатите години беше на решавање и носење на мерки за постојаните економски кризи кои последните две години му се случуваат на светот, а од кои нашата економија не е исклучок, сивата економија и понатаму останува еден од нашите најголеми предизвици. Нејзиното значење е големо во контекстот на креирање на можностите за раст, планирање и спроведување на стратегиите за одржлив и инклузивен развој.

Компаниите кои работат во сивата економија имаат помали можности за раст, имаат помал, дури и непостоечки пристап до финансии, кои се клучен елемент во нивниот развој. Тие не можат да привлечат квалитетен и професионален кадар, што резултира со потпотенцијален развој на тие фирми. Дополнително, сивата економија е особено застапена помеѓу најранливите категории и ја зголемува нееднаквоста и сиромаштијата кај овие граѓани, додека работниците заработуваат помалку во споредба со тие што работат во формалната економија. Државата пак, има помала даночна основа и следствено помалку средства за квалитетни јавни услуги.

Оценките се дека во Република Северна Македонија, сивата економија изнесува околу 33%. Доколку сакаме да имаме држава со подобра инфраструктура, квалитетно образование, подобра здравствена и социјална заштита, сите заедно мора да се потрудиме и дадеме свој придонес. Преминот од неформален во формален сектор ќе придонесе за воспоставување на предвидливо и стабилно деловно окружување, рамноправни услови за работа и здрава конкуренција. Исто така, ќе овозможи создавање на услови за рамноправен натпревар меѓу бизнисите, зајакнување на даночниот морал, како и зголемување на бруто домашниот производ.