Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата последна колумна пишува дека покачувањето на платите на просветниот кадар, тема која деновиве е актуелна со нивниот штрајк, ќе предизвика дополнителна инфлација во услови кога нема евидентен економски развој во земјата и пошироко.

„Зборуваме за платите и во јавниот и во приватниот сектор. Нашата посветеност како влада е да има раст на платите и во приватниот и во јавниот сектор. Ако во приватниот сектор пазарот го утврдува нивото на плати, согласно понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, тоа треба да го следи и јавниот сектор кој од друга страна треба да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и стопанството, која пак треба да биде конкурентна и постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот и да го подигне животниот стандард и влакитет на живот на граѓаните.

Со други зборови платите во јавниот сектор, треба да ја следат продуктивноста во приватниот сектор и да придонесат преку зголемување на нивиот квалитет. Инаку, во економската теорија секое зголемување на плати без притоа да нема зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, кое во услови на ифлација може да ја подгрева дополнително инфлацијата (според анализите во Министерство за финансии, во нашата економија коефицинетот на корелацијата на плати и инфлација изнесува измеѓу 0,37-0,44, т.е. зголемување на платите за 1% ќе генерира инфлација од околу 0,4%)“, пишува БЕсими.

За министерот јасно е дека зголемувањето на основните плати на наставниците за околу 90 отсто и линеарно зголемување на платите за скоро 20 проценти во градинките (што повлекува барања за покачување на платите во останатиот јавен сектор), во овие околности значи разгорување на инфлаторната спирала.

„Во вакви услови, кога во економијата ќе пуштите повеќе пари во оптек, како што е случајот преку висок раст на платите, несоодветен со растот на продуктивноста, ќе дојде до нов притисок од страна на побарувачката. Зголемувањето на побарувачката, поради поголемата колична на пари ќе ја подигне дополнително цената на производите. На пример, на аукција тројца се наддаваат за еден предмет, предметот ќе го добие оној што ќе плати највисока цена за него и на крај предметот чија почетна цена била 100 денари ќе заврши со цена знажително повисока од првичната и можеби економски оправданата. На крајот, остар раст на платите, без економска поткрепа, без соодветен раст на продуктивноста, ќе ги обезвредни сите плати.

Во оваа насока ќе додадам дека за да се намалат инфлаторните очекувања, веќе и централните банки почнаа постепено, но веќе конкретно, да ги зголемуваат каматните стапки, односно да ги поскапуваат парите. Тоа може да биде дополнителен предизвик да се избегна стагфлација, односно стагнирање на економскиот раст додека цените продолжуваат да растат – стагфлација, што со економски речник, тоа е полошо од инфлација“, додава Бесими.

Тој порача дека во наредните денови ќе следат одржливи решенија за подобар стандард на наставниците, но во исто време тоа да се проследи со реформи што ќе значат поквалитетно образование,

„Треба да испорачаме економски резултат, да станеме свесни за глобалната ситуација и кон што ја туркаме економијата. Значи тука е примарно економијата да застане на здрави нозе“, смета Бесими.