Децата во градинките и оваа година ќе добиваат бесплатно домашно свежо овошје. Дистрибуцијата ќе почне од 15-ти јуни и ќе заврши до 15-ти декември 2024 година. За оваа намена се обезбедени 40 милиони денари …

Свежи кајсии, праски, сливи, круши и јаболки и оваа година бесплатно ќе добиваат децата во градинките. Дистрибуцијата ќе трае од 15-ти јуни до 15-ти декември годинава. Парите во висина од 40 милиони денари се обезбедени преку Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје.

Реализацијата ќе ја вршат регистрирани откупувачи, кои ќе бидат избрани по претходно спроведена постапка за јавна набавка, од страна на Платежната агенција и кои треба да извршат откуп, пакување и дистрибуција на сезонското овошје.

Избраниот регистриран откупувач треба да достави банкарска гаранција од 15 проценти од вредноста на јавната набавка, со цел квалитетно и навремено исполнување на договорот.

Овошјето треба да е од прва класа и да одговара на стандардите за квалитет и тоа за количество за најмалку 90 тони кајсии, 175 праски, 168 сливи, 74 круши и 370 тони јаболко.

Доставата ќе се врши врз основа на листа на јавни установи за деца од предучилишна возраст од Министерството за труд и социјална политика.

Исплатата на средствата е до 25-ти декември 2024 година.