Пратеничката во Европскиот парламент Билјана Борзан  го претстави новиот европски закон со кој ќе се забрани продажбата на уреди со вградени дефекти и ќе се воведе единствена ознака за трајност на производот во Европа.

Станува збор за дел од новата директива на ЕУ за зајакнување на позицијата на потрошувачите во зелената транзиција, чиј главен автор и преговарач е Борзан, а која ќе биде насочена кон зачувување на животната средина, отворање нови работни места и зголемување на задоволството на клиентите.

Индустријата ќе биде насочена кон производство на поквалитетни уреди кои траат подолго, производство на резервни делови и проширување на сервисните мрежи.

Со методот „купи, употреби, фрли“ се отвора едно, а со поправка и пренамена се отвораат 296 нови работни места, вели Борзан.

„Со овој закон го исполнувам моето ветување пред гласачите дека ќе бидат забранети вградените дефекти поради кои нивните скапи уреди се расипуваат по само неколку години, сè заради немилосрдноста на индустријата и избезумената трка за профит.

Потрошувачите ќе бидат подобро заштитени од лажно рекламирање и подобро информирани за тоа кои производители произведуваат подолготрајни и поквалитетни уреди.

Со законот ќе обезбедиме подолг век на траење на уредот, поголема можност за поправки и поевтини и достапни резервни делови“, изјави хрватската европратеничка.

Борзан спроведе истражување кое покажа дека дури 94 отсто од хрватските граѓани веруваат дека уредите произведени пред 20 години траеле подолго од уредите што се произведуваат денес.

Повеќето уреди откажуваат во периодот од втората до третата година од употреба, веднаш по истекот на задолжителната гаранција, а причината за тоа е намерното вградување на делови што ќе предизвикаат дефект во предвидениот рок и со тоа ќе го принуди купувачот повторно да купи или да плати скап сервис.

Еден од новитетите што ќе се воведе со новиот закон на ЕУ е ознаката за гарантирана трајност на уредот, која ќе биде задолжителна и иста низ цела Европа.

Над 70 отсто од потрошувачите не знаат дека според регулативите на ЕУ, производите како што се електричните уреди се покриени со задолжителна две-годишна гаранција.

Покрај законската гаранција, производителите/трговците можат да понудат и доброволна комерцијална гаранција за трајност на уредот, што е еквивалентно на законската гаранција.

„Со цел да ја зајакнеме позицијата на потрошувачите, односно да ги поттикнеме производителите да се натпреваруваат со квалитетот на уредот и должината на гаранцијата, воведуваме задолжителна ознака за гарантирана трајност на уредот.

На пример, производителот на телевизор, покрај задолжителната две-годишна законска гаранција, дава дополнителна две-годишна комерцијална гаранција за трајност.

На пакувањето на неговиот производ ќе има ознака „2 + 2“.

Нарачателот на тој начин ќе може лесно и брзо во продавница да спореди кои производи имаат поповолна ознака, односно кој производител дава подолга гаранција за нивните уреди, најави Борзан.

Истражувањето покажува дека 90 отсто од граѓаните сметаат дека резервните делови се прескапи, 78 отсто сметаат дека уредите треба да имаат ознака дека можат лесно и евтино да се поправат во случај на дефект, додека огромното мнозинство граѓани сакаат да имаат опширни информации за производите за кои се заинтересирани.

Ќе биде нелегално да се рекламира дека уредот има загарантиран број на работни часови ако тоа не е случај, а на клиентите ќе треба да им се каже ако уредот не може да се поправи од која било причина.

– Секој што сака да пласира уреди на пазарот на ЕУ, без разлика каде ги произведува, ќе мора да се прилагоди на овие директиви. Со тоа ќе се спречи нелојалната конкуренција, вели Борзан.

Европскиот парламент следната недела ќе гласа за новите регулативи, а со оглед на тоа што предложениот текст на законот е поддржан од речиси сите политички групи, се очекува тој да биде одобрен со големо мнозинство гласови.

За септември годинава беше најавено дека ќе се определи времетраењето на преодниот период во кој индустријата и земјите-членки ќе имаат можност да се прилагодат на новите околности на пазарот.