По објавувањето на текстот за бизнис климата и ставовите на бизнисмените, порталот Работник побара и експертски став за бизнис климата во Македонија. 

Имено, бизнисменот Горан Рафајловски за порталот Работник изјави дека и покрај тоа што според меѓународните извештаи добиваме високи оценки за бизнис климата во Македонија, реалноста покажува дека условите не се добри. Тој посочи неколку недостатоци, меѓу кои се нестабилност на Влада, немањето на инвестициски банки, константниот одлив на кадар и нефункционалниот образовен систем.

Истакна дека доколку се сака да се подобри бизнис климата, треба прво да се има во предвид дека тоа е еден долготраен и сериозен процес кој треба да започне на повеќе полиња.

Еден од аспектите за подобрување на бизнис климата во Македонија, вели, е државата да не биде најголем инвеститор и компаниите да се врзуваат за неа. Таа може во еден извесен период, од една, две или три години да помогне да се тргне замаецот и после треба да запре и државата не смее да биде газда и инвеститор, бидејќи никаде во светот државата не се покажала како добар газда и добар инвеститор.

Државата треба да ја заврши сопствената работа, потенцира Рафајловски, посочувајќи дека треба да работи на подобрување на образованието и инфраструктурата, како енергетиката, патиштата, железници, земјоделски земјишта итн.. Нејзина задача, како што вели е тоа, а не да се меша во бизнисот и да измислува бизнис модели.

„И на крајот, она што веќе дваест години го зборувам, а тоа е дека Република Македонија нема стратегија како земја во кој правец ќе оди и каква земја ќе се нарече: земјоделска, земјоделско – преработувачка, услужна, туристичка… Државата воопшто нема правец по кој ќе се развива, туку сето тоа е на индивидуални идеи и потези на одреден број на бизнисмени, бидејќи ние немаме едуциран кадар за Репубика Македонија да размислува како за единствено подрачје каде што треба да ја пласира работата, туку од старт да прави производ да биде пласиран во најмала рака на поранешно југосленските простори, Бугарија, Романија и Грција“, рече Рафајловски.

Вели дека никој не прави производи подалеку од овие држави, посочувајќи дека прво прават производи за најблиското опкружување, а потоа за други земји. Според него, тоа е огромна промена на стратешката матрица во главата на бизнисмените.

Потенцираше дека потребно е да се работи и на фискалната и на даночната политика, а во однос на даночната рече дека граѓаните на него треба да гледаат како инвестиција преку која ќе добија ново училиште, осветлување, водовод и канализација, пат кој нема да биде три, туку шест метри кој ќе биде асфалтиран и кои ќе овозможи на сите да не мора да доаѓаат во Скопје, туку од своите градови, совршено добро да ја работат својата работа.

Неговиот став во однос на корупцијата кој е еден од параметрите коишто негативно влијаат врз бизнис климата, е дека таа нема да се намали, бидејќи, како што вели се уште нема политичка волја за тоа.

Претседателот на Организацијата на Работодавачи на Македонија Ангел Димитров за порталот Работник истакна дека недостатоците на нашата економија сите ги знаеме ама многу малку правиме тоа да се измени, рече тој и потенцираше дека секојдневно млади луѓе ја напуштаат земјата, имаме пад на работоспособно население, имаме голем расчекор помегу понудата и побарувачката на работна сила, имаме лош правосуден систем, имаме лоша примена на законите, а единствено што правиме се стратегии и планови како овие работи да ги подобриме.

Дополнително, како што вели реформата на образовниот систем е на почеток и да биде најефикасна, резултатите ќе дојдат после 15-20 години. Посочи дека вистинското прашање е на што се кршеа копјата околу оваа реформа, на историјата и спојувањето на предмети. Никој не праша, дали наставниците и понатаму ќе ставаат петки на ученици кои не знаат ниту за двојка. Дали студенти со многу мали знаења ќе добиваат дипломи и ќе барат вработување со овие дипломи кои не се покриени со знаење.

“Продуктивноста на администрацијата опаднала за 13 % во последнава деценија“ 

Универзитетскиот професор и економски експерт Марјан Петрески за порталот Работник вели дека бизнис климата може да се гледа од два аспекти: регулаторната рамка и спроведувањето на законите на терен.

„Постои консензус дека нашата регулаторна рамка дефинира добра бизнис клима за водење бизнис, што е потврдено и преку рангирањата на водечки институции, како Дуинг бизнис. Проблемот настанува во ефикасното и неселективно спроведување на она што е напишано на хартија, а бизнисите се жалат дека губат многу време во интерактирање со централната и локалната администрација додека ја добијат бараната услуга“, вели Петрески.

Тој подвлече дека не треба да се изостави и тоа дека одреден дел од бизнизмените посведочиле и на коруптивни практики. Една проста статистика за продуктивноста на администрацијата покажува дека таа опаднала за 13 % во последнава деценија, што според него, многу зборува за ефикасноста во испораката на услугите кон фирмите и граѓаните.

„Мислам дека одговорот за подобра бизнис лима главно лежи во барањето начини ефективно да го спроведеме она што фино сме го напишале во регулативата“, потенцираше Петрески.