Можно враќање на дневната евтина тарифа за струјата, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој рече дека ќе се разгледаат сите опции по завршување на грејната сезона.

„Прво да видиме како ќе заврши оваа грејна сезона, да го видиме производството на ЕСМ, да видиме како оди набавката на електричната енергија, па понатаму ќе размислуваме за сите можни опции што ги имаме“, изјави Бислимоски одговарајќи на прашања на новинарите по средбата во Стопанската комора на Македонија посветена на нова регулатива за складирање на струја произведена од обновливи извори.

Тој посочи дека домашното производство на електрична енергија во периодот од октомври минатата година до јануари годинава е на завидно ниво. Така, во првиот месец годинава, 87 отсто од потребите за електрична енергија во државата се обезбедени од домашни капацитети, додека само 13 отсто е увезена и тоа за сите потрошувачи, а не само за домаќинствата и малите потрошувачи. Тоа, според Бислимоски е добар резултат.

„Позитивните трендови продолжуваат, намалени се загубите, а ЕСМ може да има дополнителни приходи од продажбата на вишоците. Така што, имаме добар материјал за почеток на дискусија за враќање на евтината дневна струја“, рече Бислимоски.