Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски порачува дека во јуни или јули годинава нема да дозволат зголемување на цената на струјата на регулираниот пазар.

„РКЕ вообичаено во јуни или во јули ги носи своите одлуки за цени на електрична енергија, но ќе ги преземе сите механизми кои ѝ се на располагање, можеби ќе излезе и од своите законски надлежности пропишани во Законот за енергетика и нема да дозволи зголемување на цената на електрична енергија“, вели Бислимоски во интервју за МИА.

Во одлуките за цените, според него, РКЕ влијаеме на крајната цена со 38 проценти, односно само на цената за пренос и за дистрибуција на електрична  енергија, а на 52 проценти не може да влијае.

„По започнувањето  со либерализацијата на пазарот на електрична енергија од 1 јануари 2019 година, РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ и Универзалниот снабдувач – ЕВН Хоум на тендер ги набавува потребните количини кои сега во најголем дел се однесуваат за домаќинствата. На тој тендер во 2021 година ЕСМ е должна да понуди 70 проценти од потребите на овие потрошувачи. Притоа нема гаранција дека ќе биде откупена таа електрична енергија доколку останатите трговци со електрична енергија понудат пониска цена. На тој дел-набавката на електрична енергија апсолутно не можеме да влијаеме, а тоа е околу 43 до 44 проценти“, објаснува Бислимоски.

Тој додава и дека не можат да влијаат и на трошокот за обновливи извори.

„Сите фотоволтаици, мали хидроелектрани, биогасни електрани кои се изградија во нашата држава се изградени со така наречена ‘фидин‘ тарифа и сите тие имаат гаранција дека операторот на пазарот на електрична енергија во период од 15 до 20 години, во зависност од кој тип на обновлив извор станува збор, има обврска да им ја откупи таа електрична енергија по фидин тарифа, односно по гарантира цена. Потоа, целиот трошок за откуп од обновливи извори на енергија се префрла на крајните потрошувачи врз основа на карактеристиките на овие обновливи извори“, изјавил Бислимоски.