Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за економија, Крешник Бектеши, на заедничка прес-конференција ги презентираа податоците за исплатата на државна помош по Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Државната помош по ЗФПИ е дел од планот за економски раст, воведен во 2017 година преку кој Владата им дава помош и поддршка на домашните компании за развој и нови инвестиции, а со тоа и за нови вработувања и е наменет за поддршка на развој и зголемување на конкурентноста на домашните компании.

„Во моментот целото портфолио во мојот кабинет е од 919 компании, кои во овие шест години имаат инвестирано над 500 милиони евра, а имаме исплатено 100 милиони евра финансиска поддршка кон нив“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи додаде дека преку оваа поддршка Владата ги јакне довербата и партнерскиот однос помеѓу стопанството и институциите.

„Оваа година исплативме рекордна сума финансиска поддршка кон компаниите. 39,6 милиони евра се исплатени кон 513 компании, кои во 2022 година реализирале вкупни инвестиции од 153,3 милиони евра. Од почетокот на мандатот има неколку работи за кои постојано работам, некои од тие е и рамномерниот регионален развој. Затоа што за мене, нееднаквоста, која има најголем негативен импакт, е нееднаквост поради исклученост. Сметам дека инклузивноста и дадената шанса е единствениот соодветен одговор, како и позитивната дискриминација, додека не се поправи направената штета. Затоа во 2021 година направивме измена во законот, која предвидува поголема исплата на помош за оние компании од помалку развиените региони“, рече Битиќи.

Оваа година имаме најголема регионална распределба на средствата од која било година претходно. 70 отсто од поддржаните компании, како и исплатени средства, се кон компании надвор од Скопскиот Регион“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи во неговото обраќање посочи дека годинава посети голем број од компаниите што ги поддржуваме преку овој закон за да можеме да разговараме и да слушнеме кои се нивните вистински потреби, за да можеме да одговориме на правилниот начин.

„Токму поради тоа исплатата ја направивме во две транши бидејќи сакавме да ги охрабриме и поддржиме компаниите што инвестираа и се развиваа и во време на криза. Да им овозможиме нова ликвидност. Но, и да обезбедиме сигурност за нивните вработени, но и можност на отворање нови работни места. Ова сметам дека успешно го реализиравме затоа што компаниите тоа и го потврдуваат. Во овие шест години успеавме да ја зголемиме државната поддршка кон компаниите за 12,7 пати, од 3,1 милиони евра на првата исплата во 2018 година на 39,6 милиони евра оваа година, што во споредба со нула државна помош кон домашните компании во 2017 година е веќе споредба што нема потреба и да ја правиме“, рече Битиќи.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека во 2017 година со усвојување на планот за економски раст, Владата почна да им доделува финансиска поддршка на домашните инвеститори, а бројката од 919 поддржани компании до сега значи дека политиките даваат резултати и Владата со оваа мерка им помогна на домашните инвеститори да ја зголемат својата конкурентност на светските пазари, како и бројот на вработени.

„Со тоа покажавме како Влада дека не правиме разлика помеѓу домашни и странски инвеститори, односно транспарентно финансиска поддршка добиваат сите компании што реализираат инвестиции. Со измена на Законот за финансиска поддршка за инвестициите отворивме можност за дополнителна поддршка за компаниите што инвестираат во помалку развиените региони, што значи дека рамномерниот развој на целата држава е наш приоритет и ќе продолжиме да даваме поддршка за тие на кои најмногу им е потребна, што на крајот ќе има бенефит целата економија. Со воведување на механизмот за дополнителна поддршка за инвестиции на нашите граѓани што живеат во дијаспората дополнително го зголемивме опфатот на компании што инвестираат во земјавт“, рече министерот Бектеши.

Министерот посочи дека веќе се работат измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кои ќе се зголеми опфатот и на секторите што ќе бидат поддржани.

„На последната седница на Владата беше донесен и новиот закон за индустриски зелени зони, што значи дека и индустриските зони, основани од општините во државата, ќе може да добијат поддршка за развој на инфраструктура и подобрување на условите за работа на инвеститорите“, истакна министерот Бектеши.

Владата, како што рече министерот, е целосно посветена на домашните компании со цел да се креираат добро платени работни места во целата држава, а со тоа и подобрување на стандардот на граѓаните.

„Честитки за сите компании што во изминатите шест години беа упорни и ги реализираа своите инвестиции, а ние ги следевме во нивниот раст и развој“, рече министерот Бектеши.