Го препознаваме селскиот, авантуристичкиот, винскиот и алтернативниот туризам како изворедна можност, бидејки имаме што да понудиме. Земјава нема море, но има прекрасни езера и планини, културно и историско наследство, како и традиција, кои се предуслови да се биде на мапата атрактивни туристички дестинации вредни да се посетат, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на настанот по повод претставувањето на успешните проекти, поддржани од Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК).

Како што напомена Битиќи, Владата секогаш ќе поддржува иницијативи кои македонскиот туристички потенцијал ќе го направат меѓународно конкурентен за привлекување што поголем број туристи и промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација.

Проектот за локална и регионална конкурентност содржи три компоненти: техничка поддршка за развој на туризмот, подобрување на менаџментот на дестинациите и подобрување на околината, како и инвестирање во туристичките дестинации.

– Особено радува фактот што овие реализирани проекти значително влијаат врз нашиот локален туризам, но и врз целокупната економија на Република Северна Македонија, преку зголемување на туристичката понуда која придонесе за отворање нови работни места. Токму оваа винарија во која сме денес, говори за успешноста на овој пројект, во кој 19 микро, мали и средни компании беа поддржани со проекти со кои ја подобруваат својата инфраструктура и секако ја диверзифицираат палетата на услуги кои можат да ги понудат на туристите, соопшти Битиќи на настанот во винаријата „Лазар”.

Тој истакна дека покрај микро, малите и средните претпријатија, во делот на инфраструктура се поддржани уште 20 здруженија и асоцијации, како и 20 општини со проекти кои, оцени, даваат една нова перспектива во насоките во кои треба да се развива нашиот туризам.

-Бенефитите за македонската економија од инвестициите реализирани во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност се повеќекратни. Зголемен е бројот на туристите – локални и од целиот свет, што резултира со потреба од нови работни места, нови можности за развој и поголеми приходи за нашата економија, рече Битиќи.