Недела ќе биде неработен ден, а оние што ќе работат во недела ќе бидат соодветно платени и ќе добијат слободен ден, соопшти вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

На гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“, Битиќи посочи дека пред крај е конечното законско решение и исклучок ќе бидат 34 дејности кои ќе работат и во недела.

– Вчера имавме Економско-социјален совет и веќе сме пред крајното решение. Имаме уште мали нијанси и сметам дека следната недела ќе ги прецизираме. Она што треба да ги радува граѓаните е дека недела е неработен ден и ден на неделен одмор. Ова е формулацијата што е дефинирана меѓу синдикатите и Организацијата на работодавачи. Ќе има исклучоци – 34 дејности и дејностите кои се поврзани со соновните дејности. Оние кои ќе работат во недела ќе треба да бидат платени според колективните договори потпишани во секоја гранка и да добијат дополнителен ден одмор, рече Битиќи.

Она за што уште се разговара е дали слободниот ден ќе треба да биде искористен веднаш во наредната работна недела или до крајот на следната.

Во однос на антикризните мерки, Битиќи истакна дека субвенционирање на плати за вработените нема да се укине, а во новиот петти пакет ќе им бидат отпишани каматите на долговите на граѓаните кон јавните претпријатија. Проценките се дека со оваа мерка ќе бидат опфатени најмалку 180 илјади граѓани.