За намалувањето на платите на функционерите за 78 посто потребен е општ консензус на сите, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорот за реконструкција и адаптација на просторот доделен на НУ Џез оркестар на Северна Македонија тој рече дека околу тоа тешко дека ќе се постигне консензус.

– Во 1.260-те функционери има судии, обвинители, градоначалници, 120 пратеници, 20 министри, директори…, Сите треба да се согласат дека сакаат нивните плати да бидат намалени, а гледате дека во суштина во нашето оптество тешко се доаѓа до консензус за уште побитни прашања, а камоли да им земете нешто од буџетот, изјави Битиќи.

Инаку, идната недела или најдоцна до крајот на годината ќе биде готово законското решение со кое Владата предлага да нема зголемување на функционерските плати во март и ќе биде доставено до Собранието.

– Законското решение, најверојатно, ако не наредната недела, до крајот на годината, ќе го дадеме на Влада. Ќе остане во Собрание да има 61 пратеник, кои ќе се одважат законското решение да го донесат. Поинакво решение нема можност. Кажав дека строго стојам дека не треба да има ново зголемување на функционерските плати од март според методологијата и тоа е најмалку што може да биде направено, рече Битиќи.