Цената на биткоинот прескокна уште една „бариера“, при што пазарната капитализација на најголемата крипто валута во светот надминува илјада милијарда долари, според порталот Coindesk, пренесува CNBC.

Дигиталната валута вчера беше на ниво од нешто помалку од 54.000 долари, а потоа достигна нов историски максимум 55.620 долари, подоцна за време на сесијата, додаде американската ТВ-мрежа, повикувајќи се на Coin Metrics.

Цената на биткоинот се зголеми за над 350 проценти во последните шест месеци.

Пред почетокот на неодамнешниот вртоглав пораст, оваа виртуелна валута никогаш не се тргуваше по цена над 20.000 американски долари.

Силниот нагорен тренд на биткоинот беше делумно охрабрен од големите инвеститори и компании објавувајќи го неговото прифаќање.

Покрај тоа, компанијата „Tesla“, во сопственост на милијардерот Илон Маск, претвори дел од своите пари во билансот на состојба во биткоини на почетокот на годината и објави дека ќе започне да ги прифаќа овие дигитални валути како платежно средство.