Акционерското друштво за поштенски сообраќај Пошта на Северна Македонија во државна сопственост избра фирма која ќе ги брендира возилата за разнесување на пратки што ги донираше Владата, односно граѓаните.
Предмет на договорот е „означување и брендирање на службени возила“, набавката од мала вредност ја доби компанијата Заштитно друштво печатница „ГРАФО ПРОМ Битола ДООЕЛ“ која достави најниска цена.
Оваа фирма ќе треба да им залепи лепенки на вратите на 100 возила, 90 автомобили пикап и 10 комбиња.
„ГРАФО ПРОМ“ од Битола е компанија која се занимава со печатење и маркетинг услуги од 2000 година. Во 2025 година остварила приходи од 60 милиони денари, од кои профит се 14,7 милиони денари.
Актуелен директор и сопственик е Владимир Христовски кој е еден од сопствениците на градежниот конзорциум Смарт Инвест Гроуп . Овој конзорциум обединува неколку познати градежни инвеститори од пелагонискиот регион во изградба на станбени комплекси.
„Смарт Инвест Гроуп“ на својата веб-страница информира дека во моментов има инвестициски фонд од 30 милиони евра и дека гради станбени згради во битолската елитна населба „Златен рид“, Широк Сокак и други атрактивни локации во овој град, како и во Куманово и Скопје, каде ќе се гради комплекс од 128 станови кај Момин Поток во Карпош.
Кон крајот на 2025 година, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески стана еден од сопствениците на градежниот конзорциум Смарт Инвест Гроуп. Тој влезе на местото на градежниот инвеститор Крсте Неделковски од Битола, инаку познат како сопственик на градежните фирми „Конкрит“, „БВ Инженеринг“.
Бизнис-партнери на Јанакиески се познатите битолски бизнисмени Драги Филевски (Марио Матео), Пеце Талески (ОХО Продукција), Филип Стојчевски (Чифлик), Владимир Христовски (Графо пром) и Исни Абази (Оне Финанце).
„За потребите на „Пошта“ добивме 100 возила, 90 автомобили пикап и 10 комбиња. Недостогот на транспортните возила беше еден проблем што ни создаваше предизвици во извршување на задачите. Со оваа поддршка денес значително ја подобруваме поштенската инфраструктура, олеснувајќи го извршувањето на поштенските услуги, побрзо и поефикасно“, рече директорот на „Пошта“, Охран Куртеши при промоцијата на возилата во април годинава.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски рече дека возилата чинат 104 милиони денари, при што на јавната аукција, успеале да ја намалат цената за 400.000 евра. Тој, како што најави еднаш порано, сега вели дека секое писмо ќе може да стигне и до најоддалеченото село.
Премиерот Христијан Мицкоски појасни дека просечната старост на возилата во „Пошта“ била 15 години, а со оваа набавка „пошта“ ќе може да ги достави пратките до секое населено место, до секој граѓанин, до секоја компанија. Овие возила ќе ги намалат трошоците на претпријатието за поправка, одржувањ и сервис.