Бизнис Платформата ЕУ-Западен Балкан денеска на едно место во Скопје ги собра бизнис заедницата од регионот, претставена преку Бизнис Советот на Коморскиот инвестициски форум и креаторите на политики од Европската Унија.

На настанот учествуваа високи претставници од Европската Унија и различните директорати, регионалните институции кои работат на економската агенда во регионот и претставници на бизнис-секторот кои дискутираа за клучни прашања од аспект на унапредување на интра-регионалната соработка, но и подобро подготвување на компаниите од регионот да се приклучат кон единствениот пазар на ЕУ.

Бранко Азески, ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија изјави дека ваквиот дијалог ќе придонесе за расчистување на административните, регулативните и техничките прашања кои се важни за компаниите од регионот на Западен Балкан, но и ќе придонесе приватниот сектор од регионот подобро да го разбере функционирањето на единствениот пазар на ЕУ кон кој компаниите ќе треба да го приспособат своето работење.

„Работиме на проектни активности кои се врзани за четири значајни работи, а тоа се: подобрување на инфраструктурата, решавање на бариерите кои што постојат за да го убрзаме протокот на стоки и услуги, да направиме заедничка авиокомпанија која ќе не поврзе, зашто денеска за да одиме во Сараево треба да летаме преку Истанбул или Виена, а тоа не е добра препорака за ништо, а најмалку за бизнисот. И да ги решиме прашањата кои се врзани за сертификационите тела и документи што ќе го забрзаат исто така, протокот на стоки и услуги“, изјави Азески.

Претседателот на Коморскиот инвестициски форум, кој истовремено е и претседател на Стопанската комора на Косово Лулзим Рафуна истакна дека од исклучително голема важност е зајакнување на соработката на бизнис секторот од земјите од Западен Балкан и Европската Комисија.

„Тука сме за да ги подготвиме бизнисите за пазарот на Европската унија. Задоволен сум што КИФ има завршено одлична работа во изминатиот период и имам позитивен став за сите работи кои што ќе се случуваат во иднина, заедно со господинот Азески, зашто ја имаме поддршката од сите засегна страни, како и од донаторите. Нашата работа е всушност да бидеме мост и помош за бизнисите при процесот на дигитализацијата, зелената агенда и останатите можни предизвици кои што ги носи членоството во ЕУ. Кога сме тука собрани и соединети, ќе ја искористиме оваа можност Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово во еден заеднички дијалог да ги надминеме бариерите кои што ги имаме меѓу овие две земји„, истакна Рафуна.

Во рамки на настаните кои КИФ ги организираше во Скопје овие два дена се одржа и седница на Управниот одбор на КИФ на кој што Татјана Штерјова Душковска беше реизбрана за уште еден мандат на позицијата генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум.