Стопанствениците се против замрзнување на цените. Тие предлагаат поинакви мерки, поаѓајќи од странските искуства, како што се активирање на стоковите резерви и субвенции за најзагрозените.

Ново замрзнување на цените најави во средата (29.03) Владата – за 13 отсто ќе се намали цената на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените за деца и возрасни и хигиенските влошки. Според министерот за економија, Крешник Бектеши, одлуката ќе се применува од 1 април. Ваквата мерка за хигиенските влошки се носи пред сè бидејќи Законот за намалување на ДДВ на овие производи е заглавен во Собранието.

Од почетокот на годината со владина одлука се ограничија цените на белиот и полубелиот леб, тестенините, оризот, јајцата и млечните производи. До крајот на неделата ќе се знае кои видови овошје и зеленчук ќе се продаваат со замрзнати цени. Најавите се дека повеќе од пет-шест производи ќе бидат замрзнати, а тоа ќе зависи од тоа колкава е разликата во делот на маржите за да може и увозните производи, главно овошни, да имаат замрзнати цени. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), даде поддршка за можното замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот.

Но, бизнисот е против ваквата мерка за замрзнување на цените. Тие предлагаат поинакви мерки, поаѓајќи од странските искуства, како што се активирање на стоковите резерви и субвенции за најзагрозените.

Алтернативни решенија

Замрзнувањето на цените не е пазарна мерка, а ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковите резерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам, вели извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев. Тој укажува дека економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените.

продукти
Стопанствениците сметаат дека замрзнувањето на цените не е пазарна мерка и бараат алтернативни решенијаФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

„Подобро е да се субвенционира делот од населението на кое тоа навистина му е потребно, но и да се помогне со директно намалување на царините, со помош при увозот на репроматеријали, со субвенционирање на електрична енергија, со механизми кои го прават домашното производство поконкурентно“, предлага тој.

Комората смета дека замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите чии производи се замрзнати во неповолна економска позиција, а производите се продаваат и на оние групи население на кое таа разлика во цена не им значи ништо.

„Затоа, многу повеќе ги почитуваме мерките на Владата кои се однесуваат на директна интервенција во делот на намалување на царините, помош при увозот на репроматеријали, субвенционирање на електрична енергија и механизмите кои го прават домашното производство поконкурентно, отколку директно замрзнување на цените“, изјави Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред македонско-австриските бизнис средби во Комората.

И Сојузот на стопански комори (ССК) деновиве се изјасни дека станува збор за непазарна мерка. Секое замрзнување на цените, според нив, има позитивни и негативни консеквенци. „Ние генерално преферираме слободен економски пазар, но Владата има свој делокруг на делување и доколку така смета, најубаво треба да објасни каква и е идејата, што сака да постигне, дали е тоа од времен карактер, колку време би траело“, порача претседателот на ССК, Трајан Ангелоски.

Има ли ризик од нови поскапувања? 

Замрзнување на цените, вели Пешев, е мерка која не може да трае долго, а по нејзиното завршување повторно ќе има поскапувања. „Оваа мерка не може да трае долго и по нејзиното завршување повторно ќе го имаме проблемот со зголемување на цените. Во меѓувреме, пак, компаниите чии производи биле опфатени со замрзнувањето на цените, изгубиле многу пари. Затоа ние секогаш се залагаме за пазарни, а не за популистички мерки“, укажува тој.

продавница Скопје
Замрзнување на цените, активирање на стоковите резерви или субвенции – како најдобро да се заштитат граѓаните?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, министерот за економија, Крешник Бектеши, не стравува дека по завршувањето на мерките за замрзнување на цените може да дојде до нивно нагло покачување и злоупотреби од страна на трговците.

„Нема таков ризик оваа година. Ги повикав сите производители и увозници, тие знаат кога поскапуваат суровините и кога е жетвата, да се подготват зашто мерките може да продолжат и по 31 мај. Производителите и трговците може да направат калкулации согласно постоечките цени на суровините и другите параметри како влезни во утврдувањето на финалната цена“, изјави министерот.

Искуства од Австрија

Во Австрија нема ограничување или замрзнување на цените. Во земјата се дискутирало само за замрзнување на цените на недвижнините и станарините при што се утврдило дека е подобро да им се даваат дотации на граѓаните со кои би им се помогнало да ги платат овие давачки. Ваквите искуства ги сподели Рихард Бандера, регионален менаџер за Југоисточна и Источна Европа и за Централна Азија.

Тој вели дека втора клучна тема во Австрија се енергетските трошоци. „Воведовме помош на домаќинствата за покривање на енергетските трошоци. Тоа се неколку стотини евра што не се големи средства, но сепак беше чекор напред во поддршката кон граѓаните. Дадовме поддршка и на претрпијатијата кои имаат интензивна потрошувачка на енергија. Тоа се оддолжи малку, но во период од повеќе месеци добија поддршка“, рече Бандера.

Анализи за справувањето со енергетската криза се прават и во Северна Македонија. Министерството за економија заедно со Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) работи на идејата за враќање на евтината дневна тарифа за електрична енергија од 1 јули годинава, имајќи го предвид зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, каде пиковите главно се преку ден.