Во 2024 година во земјава се основани 6.439 нови претпријатија, што претставува раст од 2,9 проценти во споредба со претходната година, покажуваат најновите податоци за демографијата на претпријатијата – објави Државниот завод за статистика.

Новосоздадените компании сочинуваат 9,3 проценти од вкупниот број активни пазарно ориентирани претпријатија во деловниот сектор. Најголем дел од новите бизниси се регистрирани во услужните дејности, а предничат секторите трговија, градежништво, угостителство и стручни дејности.
Иако бројот на новоотворени фирми расте, тие вработуваат значително помалку луѓе. Во 2024 година новите претпријатија ангажирале 10.697 лица, што е за 28,1 процент помалку во однос на претходната година. Дополнително, повеќе од една четвртина од новооснованите компании – 27,2 проценти – започнале со работа без ниту еден вработен.

Најмногу нови компании се отворени во секторот трговија на големо и мало, каде што се регистрирани 1.658 нови претпријатија. Следуваат градежништвото со 744 нови фирми, угостителството со 725 и стручните, научни и технички дејности со исто толку нови деловни субјекти. Од друга страна, во текот на 2023 година згаснале 4.175 претпријатија, што претставува 6,2 проценти од вкупниот број активни компании. Најголем број затворени фирми се евидентирани токму во секторот трговија на големо и мало, каде што престанале со работа 1.417 компании.

Според податоците, македонската економија и натаму создава нови бизниси со солидно темпо, но трендот на помал број вработени во новооснованите компании укажува на раст на микро и семејните претпријатија, како и на зголемена дигитализација и самовработување во дел од услужните дејности.