Со оглед на тоа дека досегашните кафански епидемиолози преку ноќ се претворија во геополитички стратези помислив е добра идеа да понудам една различна перспектива околу ситуацијата Русија-Украина.

За да го сторам тоа ќе се осврнам на две точки.

– Што се случуваше со Русија на економски план во последниве десет години

– Како ефект ќе имаат моменталните санкции како што е исклучување од SWIFT системот

Во 1990тите Русија се сметаше за едно од модерните економски чуда, заедно со Кина, Бразил, Индија и подоцна Јужно-африканската република, на база на кои беше формиран и акронимот БРИКС.

На БРИКС им одеше супер како и на многумина други, се до Светската Финансиска криза од август 2007 година што всушност беше криза од монетарна природа односно криза на недостиг на офшор долар (евродолар).

Глобалниот монетарен систем од тогаш натаму доби трајна пукнатина која до ден-денес не е разрешена. Проблемот од монетарни рамки набргу се прелеа и во реалната економија одразено преку недостиг на ликвидност (и со тоа на економски раст) во цели сектори од економијата. А историјата нé учи дека недостигот на економски раст набргу води до политички популизам и радикализирање на популацијата кон лево и кон десно. Политичарите во сето свое незнаење тврдат дека социјализмот и работничка револуција (лево) или национализмот и враќање кон традиционалните вредности (десно) се решение на проблемот. Не се прави напор да се разбере проблемот внатре под хаубата.

Повеќето земји од БРИКС групата некако се повратија после 2007-2009 година но не и Русија. Недостигот на ликвидност ја влоши и така кревката економија управувана од автократски од врвот-надолу систем и недиверзифицираност на Руската извозна структура. Шокот беше фатален во 2011 година кога се случи таканаречената Невидлива Светска Финансиска криза за која медиумите речиси и не известуваа како за онаа во 2007-2009 година, а која беше сепак препознаена на база на фактот што Федералните резерви иницираа нова рунда на квантитативно олеснување (quantitative easing).

Oд 2011 година натаму Руската економија продолжи да тоне. Знаеме дека единствениот извоз на Русија е енергенсите а основен учебник по економија ќе нé научи дека економија без диверзифицирана извозна структура е темпирана бомба.

Руската економија имаше кратки светли периоди во следните неколку години за да повторно падне надолу а гледајќи ги бројките најфаталниот пад по сé изгледа се случи во 2018 година.

Што гледаме овде?

Гледаме дека количината на Американски долг што го држи Русија драстично падна од 2018 година и никогаш повторно не закрепна. Русија повеќе не е ни во првите 30 земји по количината на Американски обврзници во своите резерви. Ова треба да ни каже колку очајна е ситуацијата внатре во Русија по однос на недостигот на долари.

Меинстрим објаснувањето на геополитичките теоретичари на заговор вели дека ова е така бидејќи Русија сака да се ослободи од зависноста од Американскиот долар и да се обиде да ја поткопа доминацијата на Америка со тоа што масивно истовари Американски државни обврзници на пазарот.

Камо реалноста да беше толку едноставна. Вистинското објаснување лежи на друго место. Проблеми во евро-долар системот. Недостиг на резервна валута. Недостиг на (eвро)долари. Токму тоа ја натера Русија да продава обврзници во таков голем обем.

Знаеме дека Американските обврзници се ниско ризичен паричен еквивалент. Повеќето земји купуваат обврзници при периоди на изобилство на долари во системот (монетарна експанзија) за да кога се јави недостиг (монетарна контракција), можат да дојдат до долари преку кеширање на Американски државни обврзници. Дополнително, Американските обврзници не се само извор на ликвидност при кризни периоди туку и основен инструмент во репо пазарите.

Токму тоа го гледаме на приказот погоре. Драстичниот пад на количината на Американски долг што го држи Русија само ја отсликува очајната состојба на Руската економија, и нејзината неможност да дојде до долари.

Како ефект ќе имаат моменталните санкции како што е исклучувањето на Русија од SWIFT?

Во последниве неколку дена беа донесени низа санкции врз веќе постоечките меѓу кои и исклучување на Русија SWIFT системот. Иако медиумите се фокусираа на таа конкретна мерка, прашувајќи се зошто веднаш не беше донесена, факт е дека исклучувањето на Русија од SWIFT е санкција од минимално значење.

SWIFT е само кореспондентски-комуникациски протокол. Нема никаква врска со порамнувања. SWIFT беше формиран од конзорциум од 239 банки од 15 земји ширум светот со цел да воспостават стандардизиран систем за пренос на информации.

Значи SWIFT е еден вид на јазик за електронска комуникација меѓу банките, a не и систем за финално порамнување на трансакции. Порамнувањето се врши на друго место, кај таканаречениот CHIPS (Clearing House Interbank Payment System) што беше формиран уште во 1970та за поефикасно процесирање и порамнување на глобални доларски трансакции во и надвор од офшор (евродолар) пазар, за да се потпомогне работата на Fedwire што инаку е надлежна само за порамнување на трансакции внатре во САД.

Oколу 70% од трансакциите што се порамнуваат во CHIPS потекнуваат од SWIFT, а околу 90% од сите меѓународни трансакции деноминирани во долар се реализираат преку CHIPS. CHIPS како и Fedwire не емитува пари, туку само порамнува, односно денот го почнува и го завршува со износ од нула (0).

SWIFT e комуникациски протокол формиран од банки ширум светот. Ова го потенцирам повторно бидејќи е формиран од банки што не се исклучиво под надзор на Федералните резерви. Ова е битно да го разбереме. Евродоларот е со други зборови офшор долар, односно систем на меѓубанкарски облигации на база на доларот НАДВОР од јуриздикцијата на САД (Федералните резерви). САД има контрола врз Американскиот долар. САД нема контрола врз евродоларот (дериватив на Американскиот долар) а кој воедно е глобалната резервна валута последниве 50 години. Ова ми е поентата што се обидува да ја доловам секогаш кога пишувам за т.н. приватни пари. Иако се мисли дека само владите емитуваат пари, багателен факт е дека глобалната резервна валута (евродоларот) е всушност приватна а не владина форма на пари. Да си ја извршуваа централните банки работата како што требаше немаше да има потреба да се соберат деловните банки и да формираат приватна форма на пари која го финансираше феноменалниот бран на глобализација после 1950тите преку кој цели земји се извлекоа од кал и сиромаштија.

САД го контролира Американскиот долар (Федералниот долар) но не и евро доларот (деривативна форма на Американскиот долар) Дури доколку Русија се исклучи од SWIFT ова автоматски не значи исклучување од нивниот пристап до долари. Tехнички, Русија сеуште може да побара порамнувања преку друг протокол или друга мрежа или пак директно да се обрати во банка со која има кореспондентски односи (corresponding bank) без да има потреба од SWIFT. Овој процес е понапорен но не и невозможен. Згора на тоа рековме дека не сите трансакции во CHIPS мрежата потекнуваат од SWIFT. Ова значи дека дури и да е Русија исклучена од SWIFT, сеуште може да побара порамнување преку банка членка на CHIPS, бидејќи CHIPS си е засебен комуникациски протокол.

Како што реков погоре, Русија е технички веќе исклучена од доларот не преку механички мерки како оваа туку едноставно поради фактот што повеќето инвеститори веќе подолго време ја избегнуваат. Едноставно не е инвестибилна дестинација, посебно не од 2011 година наваму. Доминантен извоз на Руската економија се енергенсите а знаеме дека економија што се потпира исклучиво на еден продукт е изложена на надворешните економски струи.

Автократското владеење на Путин само ја влоши состојбата. SWIFT се продава како акциона мерка со цел да и се земе нешто на Русија, да се повреди, но фактот е дека нема повеќе што да и се земе на Русија, дека е искрварена одвнатре. Залудни се обидите на Кремл за манипулација на масите и продавање на сила, некои од нас ги гледаат бројките а не зејтин-порталите.

Проблемот што го има Русија не е надворешен онолку колку што е внатрешен. А историјата е полна со примери каде автократот во обид да дефокусира се обидува да создаде непријател против кој нацијата наводно треба да се ОБЕДИНИ, било тоа да е надворешен или внатрешен непријател.

Токму на база на овие обзервации шпекулирам дека нападот на Путин врз Украина е само очаен обид да се проектира некаква национална гордост, едно огнометско шоу и приказ на моќ пред неповратното и конечно згаснување.

 

 

 

Пишува: Блаже Аризанов