Блиску сме до просечна плата од 500 евра, вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во интервју за Македонската телевизија. 

„Кога говориме за порастот на просечната плата која требаше да изнесува 500 евра за еден четиригодишен мандат,  ние сме многу блиску до реализација. На први јуни 2017 година СДСМ и Коалицијата ја формираше Владата и за овие четири години износот на минималната плата е зголемен за повеќе од 6.000 денари. Претходно во 2017 година просечната плата беше 22.000 денари, а таа сега изнесува 28.700 денари. Што значи, дека ние сме многу блиску до тие 500 евра, што беа наше изборно верување. Имајќи во предвид дека година и пол се соочуваме со пандемијата на Ковид 19, ние би го надминале она што претставуваше наше ветување, во тогашната програма на Владата. И последните податоци  покажуваат дека во првата половина од годината, просечната плата има пораст од некаде 6 отсто“, рече Шахпаска.

Шахпаска вели дека зголемувањето на пензиите од 1,2 отсто не е доволно, но додава дека влада ги почитуваат законите.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2021 година била 28.721 денар, објави Државниот завод за статистика.