Комисијата за заштита на конкуренцијата го блокираше тендерот на Агенцијата за електронски комуникации, одобрен од Владата, за 5Г-мрежата, затоа што условите за третиот предвиден оператор кој треба да влезе на домашниот пазар биле неконкурентни.

Во заклучокот КЗК вели дека почетната цена за надоместокот кој треба да го уплати третиот оператор е двојно помала во однос на домашните оператори и тоа се смета за државна помош која ги става во неповолна ситуација конкурентите.

Два од шестте опсези од фреквенциите кои се водат како А1 и Б1, инаку предвидени само за надворешниот оператор, би чинеле како почетна сума во наддавањето 2.750.000 и 1.250.000 евра, односно двојно помалку од А2 и А3 за кои најмалку треба да се плати по 5.500.000 евра, односно Б2 и Б3, кои би чинеле најмалку по 2.500.000 евра.

„Поради тоа, што Одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата битно ќе влијае врз постапката за доделување на одобренија за користење на радиофреквенции по пат на јавен тендер со јавно наддавање, со цел правилно и законско спроведување на постапката, директорот на Агенцијата за електронски комуникации одлучи да се прекине постапката се до донесување на конечен акт од Комисијата за заштита на конкуренцијата“, се вели во одлуката на АЕК.

Јавното отворање на понудите требаше да се оддржи на 5 јануари, по што требаше да започне процеост на евалуација и избор на операторите. Директорот на АЕК, Јетон Акику, потврди дека постапката е прекината и дека е донесена одлука со поддршка од Владата да се започне нова, односно да не се чека конечниот акт на КЗК.

– Доколку ја чекаме Комисијата за заштита на конкуренцијата тоа би траело околу осум месеци, а ние сакаме побргу да заврши тендерот. Затоа одлучивме да поведеме нова постапка и целиот процес би требало да заврши за пократко време. Очекувам тоа да трае три месеци, ни изјави Акику.

Од КЗК во заклучокот велат дека на случајот се пожалила заинтересирана странка. Одобрението за опсезите А1 и Б1 првично биле 6 и 3 милиони евра надоместок за нов мрежен оператор.   Потоа биле намалени за 50 отсто, односно на 3 и 1,5 милиони евра, за на крај почетните суми да се сведат на 2,75 и 1,25 милиони евра.