На средбата, на која присуствувал и директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, Хари Локвенец, се разговарало за инвестициската политика на Македонија во железничката инфраструктура и регионалното поврзување.

„Средбата беше од исклучително значење во насока на поддршка за развој на железнчкиот систем во државата. Регионалното поврзување е од стратешко значење за Република Северна Македонија и затоа побаравме од нашите пријатели од Европа да не поддржат во доизградба на Коридор 8. Остануваме сериозно посветени на изградба на пругата кон Бугарија. Предизвикот останува во ова време на економска криза да ги реализираме сите инвестициски планови во делот на железницата“, истакна министерот Бочварски.

Како што информира Министеството за транспорт и врски, на средбата е истакнато дека Владата работи на развојот на железничкиот систем во државата, притоа започнувајќи го процесот на усогласување на домашната легислатива со европското законодавство.

На источното крило на железничкиот Коридор 8 на крајот на октомври лани по повеќе од две години пауза повторно има активности за првите две од вкупно трите планирани делници на пругата кон Бугарија. Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри (од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија 24 километри). Проектираната пруга на западното крило на потегот од Кичево до границата со Албанија е 63 километри. Проектната документација за изградба на оваа пругата беше изготвена во 2017 година, а вкупната вредност е проценета на околу 500 милиони евра.Планот на домашните институции е источното железничко крило на Коридорот 8 да го завршиме до 2027 година, а западното до 2030 година.