Модалитети со кои ќе се намали цената на патарините на државните автопатишта, најави синоќа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Во настапот на телевизија Сител тој рече дека се работи на одржливи решенија.

-Како Влада разработуваме модалитети и можности за тоа колку може и дали е можно да се намалат цените на патарините. И од тој аспект ние разработуваме модалитети кои ќе бидат одржливи, објасни Бочварски.

Според него, моделот со винетките не е доволно праведен.

– Со винетките моделот не е доволно праведен затоа што вињетка користи и оној граѓанин кој патува секој ден на одредена дестинација и ги користи повеќе патиштата, отколку што некој можеби ќе наплати со регистрацијата винетка, односно, патна такса, а притоа можеби и нема да ги користи јавните патишта. Праведен модел е на тоа кој повеќе патува да плаќа повеќе, отколку некој кој користи само локални патишта, смета Бочварски.

Тој посочи дека 46,4 милиони евра се собрани од наплата на патарини минатата година во ЈП за државни патишта.

– Оваа година, имаме најголем буџет за изградба и реконструкција на патишта, односно над 350 милиони евра, што значи дека многукратно повеќе се вложува во текот на годината односно тоа е проектиран буџет најголем во историјата на независна Македонија за изградба и реконструкција на патишта, потенцира Бочварски.