Германската индустриска компанија Bosch планира да укине 3.500 работни места ширум светот до крајот на 2027 година, а тоа ќе влијае на вработените во администрацијата на нејзината подружница BSH специјализирана за апарати за домаќинство, соопшти „Бета“.

„За да ја зачува својата конкурентност и да ги финансира потребните инвестиции, BSH мора во голема мера да ги намали трошоците, особено имајќи ја предвид променливата состојба на пазарот и се уште тешката економска состојба“, се вели во соопштението.

Производителот на машини за перење и кујнски апарати цели кон „индиректни“ работни места, односно надвор од производните линии, се наведува во соопштението и се додава дека во текот на оваа година ќе бидат укинати 1.000 работни места.

BSH, основана во 1967 година, произведува уреди од неколку брендови, вклучувајќи ги Bosch и Siemens.

Во моментов вработува повеќе од 60.000 луѓе ширум светот, вклучувајќи 17.000 во Германија.

Најавата е уште една лоша вест за германската индустрија, која се соочува со загрижувачка криза на конкурентноста што резултираше со пад на бруто домашниот производ (БДП) за 0,3 отсто минатата година.

Групацијата Bosch, чија основна дејност е автомобилската индустрија каде што е светски лидер во производството на опрема, веќе најави отпуштања.

Менаџментот на Bosch во јануари објави дека ќе укине 1.200 работни места.

Групацијата, која вработува 427.600 луѓе ширум светот, очекува да има лоша 2024 година, особено поради пазарот на електрични автомобили, чија побарувачка не расте колку што се очекуваше.