БРИКС „категорично отфрла повторно заживување на трговски протекционизам“, рече бразилскиот министер за надворешни работи, Мауро Виеира, во исказ по средбата со неговите соработници од БРИКС во Рио де Жанеиро, во контекст на трговската војна започната од американскиот претседател, Доналд Трамп.
Дводневниот состанок на шефовите на дипломатии на БРИКС не резултираше со завршно коминике, но „за прашањата за трговските судири и давачки постои комплетна согласност од сите страни“, посочи Виеира.
Тој не ги спомена директно политиките на Трамп. Кина, земја-основач и клучен партнер во БРИКС, е особено сериозно погодена од давачките воведени од американскиот претседател. Другите членки се Бразил, Русија, Индија и Јужна Африка.
„Министрите ја потенцираа потребата од зацврстување на системот за разоружување и контрола на вооружувањето. Тие го нагласија значајниот придонес на зоните без нуклеарно оружје во зајакнувањето на режимот за неширење на нуклеарно оружје“, се вели во соопштението издадено од бразилското Министерство за надворешни работи.
Шефовите на дипломатии на БРИКС, исто така, апелираа за продолжување на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа. На состанокот беа осудени и убиствата на цивили во сириските области Латакија и Тартус, а учесниците предупредија на опасноста од ширење на тероризмот од територијата на Сирија кон земјите од Блискиот Исток.
Министрите за надворешни работи на БРИКС, исто така, повикаа на усвојување на координирани мерки за борба против организациите признати од ОН како терористички.